Бесими-Хан: Интерес и на ЕК и на Македонија е поскоро отворање на преговорите

 

Интерес и на Европската комисија и на Република Македонија е поскоро отворање на пристапните преговори и членство на земјата во ЕУ. Во таа насока од ЕК очекуваат Република Македонија да работи кон надминување на предизвиците со кои е соочена и да ја одржи реформска агенда, било истакнато на средбата меѓу вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан. 

Кабинетот на вицепремиерот Бесими соопшти дека на средбата фокусот бил ставен на напорите на Владата на Република Македонија во насока на спроведување на реформите нопходни за успешна реализација на евроинтегративниот процес на нашата земја, како и за статусот на спроведувањето на ИПА.

На состанокот се разговараше за спроведувањето на приоритетните активности, произлезени од Извештајот на ЕК за напредокот на земјата, меѓу другото и за областите, слобода на изразување и медиуми, судство, борба против корупција и организираниот криминал, меѓуетнички односи, реформи во јавната администрација, добрососедски односи, регионална соработка и зголемување на економскиот раст и вработување.

Заменик претседателот на Владата Бесими, како што се наведува во соопштението, се осврна и на потребата од продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво, со цел одржување на динамиката во реформскиот процес и постигнување на инклузивност преку политички дијалог и вклучување на општествените чинители, што ќе придонесе кон кредибилноста на процесот на европска интеграција на Република Македонија.

Меѓу другото, станало збор и за статусот на спроведување на ИПА, Акцискиот план за подобрување на искористеноста врз основа на научените лекции, програмирањето на ИПА 2015-2016, како и за можноста за помош од страна на Европската Унија и нејзините земји членки со цел санирање на настанатите штети во поплавените подрачја.

Хан по средбата со Бесими не даде изјава за медиумите за содржината на разговорите. Кратко рече дека тука е за да разговара, но оти нема да дава изјава по првите средби, а  оценката ќе ја изнесе откако ќе се сретне со сите соговорници. 

Евокомесарот Хан, кој е во прва посета на Македонија, се сретна и со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, ќе треба да се сретне и со премиерот Никола Груевски, како и со лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.

 

 

Оцени ја веста

17.02.2015 - 12:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега