За бербатлуците на проф.д-р Јове Кекеновски

 

Редакцијата на Press24 дојде до ова писмо кое во 2005 година професорката Тања Каракамишева го испратила до универзитетот ФОН. Според она што може да се прочита во писмото, таа реагирала откако  Јове Кекеновски, според она што се вели во писмото и ги украл предавањата и ги потпишал како свои. 

Писмото ви го пренесуваме интегрално

ДО

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ФОН

ДЕКАНОТ НА ФОН

НАСТАВНО-НАУЧНИОТ СОВЕТ НА ФОН

Предмет: ИНФОРМАЦИЈА И БАРАЊЕ

Почитувани,

Етиката воопшто, а особено научната етика е вредност која мора заеднички да ја негуваме. Без неа, образованието и научната мисла би останале безвредни категории. За мене, научната етика била и ќе биде икона во која верувам и идеал на сите мои постапки. Доколку некој посегне по неа, се дрзне да ја повреди, и тоа остане незабележано, следи реакција на верижен ланец од каде ќе извираат и други несакани појави. Благовремената реакција е нужна не само во интерес на зачувувањето на вредностите кон кои сите ние се стремиме, туку и поради угледот на секого од нас, за доброто на нашата “научна и ментална хигиена”.   

Иако поголемиот дел од Вас се веќе информирани за случајот со моите авторизирани предавања по предметот Компаративни уставни и политички системи, чувствувам потреба повторно да Ви се обратам, но овој пат писмено со цел да побарам заштита на моите права кои се очигледно злоупотребени од некои личности вработени на вашиот факултет и надминување на оваа непријатна состојба. 

Како што Ви е познато, во текот на учебната 2003-2004 година бев договорно ангажирана како визитинг професор на ФОН, на предметот Компаративни уставни и политички системи, на насоката Дипломатија и меѓународна политика. Во недостаток на било каква литература за овој предмет на македонски јазик (освен публикацијата на проф. д-р Денко Малевски чие што издание е прилично застарено) бев соочена со голем предизвик, да направам авторизирана скрипта на предавања со цел да им излезам во пресрет на студентите и нивните потреби од совладување на предметната програма. 

Напоредно со подготвувањето на предавањата, изработив скрипта во која беа разработени следниве прашања : 

Воведни прашања

Поимно определување на уставниот и политичкиот систем: што е уставен, а што политички систем?

Класификација на уставните и политичките системи

Парламентарен систем

Поим и генеза на парламентаризмот и парламентарниот систем

Теории за парламентарниот систем

Обележја на парламентаризмот

Англија (Обединето Кралство)

Уставен и политички систем на Обединетото Кралство  

Историски развој

Период на зачетоци на модерната идеја на уставот и уставноста-развој на англиската уставност

Големата Повелба за слободите од 1215 година

Инструментот на владеење од 1653 (Кромвелов устав)

Хабеас Цорпус Ацт од 1679 година

Законот за правата од 1689 година

“Уставот” на Англија

Монарх (Круна)

Парламент

Дом на лордови

Дом на комуни

Кабинет (Влада)

Таен совет

Државна управа

Територијална организација

Политички партии на Англија

Јавно мислење во Англија

Создавањето на САД

Настанувањето на Уставот на САД

Уставот на САД од 1787 година

Конгрес на САД

Претседател на САД

Државна управа на САД

Врховен суд на САД

Политички партии на САД

Федерализам

Групи за притисок

Локална самоуправа

Уставен и политички систем на Франција

Уставен развој на Франција до 1875 година

Трета Француска република

Четврта Француска република

Петта Француска република (Уставот од 1958 година)

Претседател на Републиката

Влада на Франција

Парламент на Франција

Односи помеѓу Парламентот и Владата

Економски и социјален совет

Уставен совет

Локална самоуправа на Франција

Политички партии на Франција

Општ преглед на карактерот на Петтата република

Во интерес на непреченото одвивање на комуникацијата со студентите дискетата со моите предавања и беше достапна на асистентката по Компаративни уставни и политички системи на која и дадов задолжение да ги испринта предавањата и да ги достави до библиотеката за нивно натамошно фотокопирање и укоричување. Мојата наивност се состои во тоа што овие предавања не ги заштитив по ниту еден основ, што значи можноста за нивна злоупотреба била отворена, како што впрочем и се случи. 

По моето заминување од ФОН и доаѓањето на доц. д-р Кекеновски, моите предавања биле дополнети со уште неколку земји, и презентирани како авторизирани предавања на доц. Кекеновски и асистентката Александра. Но, на лагата и се куси нозете, а на Бога блиска вистината. 

Со моето повторно враќање назад на овој предмет, во една сосема случајна прилика, како што тоа и најчесто бидува, кога вонредна студентка ме праша дали е ова скриптата од која треба да учи, јас ја открив вистината. Всушност, си ги препознав своите предавања ставени под авторство на горенаведените имиња, во комплетно иста форма како што ги оставив 2003 година: со ист фонт, ист проред итн. Веднаш ги информирав надлежните лица на факултетот за случајот и како што е ред побарав објаснување на оваа многу непријатна состојба и начин како да си го заштитам својот интерес. 

По консултација со нив, одлучив да се обратам и до Вас, бидејќи навистина сакам овој случај да биде прв и последен од овој вид на Факултетот. 

Во интерес на вистината упатувам барање да се разгледа случајот сериозно, да се преземат сите можни мерки во насока на заштита на моите интереси како професор, но и етичките интереси на науката и да ме информирате за крајниот исход.   

Однапред благодарна,

Доц. д-р Тања Каракамишева

Скопје, 10.06.2005 година

 

 

 

Оцени ја веста

08.02.2015 - 12:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега