Уште два дена за апликација за државен секретар во Транспорт и врски-се бараат квалитетни и способни кандидати
Заинтересираните кандидати имаат уште два дена за аплицирање на јавниот повик кој го распиша Владата за пријавување на интерес за ангажман на позицијата државен секретар во министерството за транспорт и врски.
Огласот трае заклучно со сабота 7 февруари, а кандидатите може да аплицираат по електронски пат со пополнување на електронска апликација, која може да се најде на веб страната на Владата на РМ – www.vlada.mk/konkursi/apliciraj, како и со поднесување на лична биографија не поголема од 5 страни и мотивациско писмо од најмногу 500 зборови.
Кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови: да имаат високо образование и 5 години работно искуство, како и познавање на странски јазик на ниво еквивалент на Б1 (B1) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 3,5 - 4,5 поени, ПЕТ, БЕК П, БУЛАТС, или Аптис, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 450 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 135 бода, или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 45 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат. Обезбедувањето на сертификат за познавање на странски јазик не е задолжително во процесот на селекција.
Сите кандидати имаат еднакви шанси да бидат избрани за оваа одговорна позиција. Единствениот параметар кој ќе биде вреднуван се знаењата и вештините на кандидатите. Целта не е масовноста, туку избор на кандидат кој поседува способности и квалитети со кои ќе придонесе во реализацијата на една обемна програма и голем број на проекти кои се во рамките на министерството, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев
Владата во изминатиот период реализираше поголем број на јавни повици за ангажман на раководни позиции. Дел од лицата кои беа избрани и именувани преку овој начин на селекција се и државните секретари во финансии Игор Димитров, во секретаријатот за европски прашања Ана Блажевска, во економија Анета Димовска, во локална самоуправа Билјана Цветановска-Гуговска, директорите на СЦ Борис Трајковски Златко Перински, на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, на Геолошкиот завод Костадин Јованов, на Управата за матични книги Силус Муслиоски, и поголем број на други државни функционери, амбасадори, генерални конзули, економски промотори и други носители на позиции во државната управа.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









