Телефонот не престанува да ѕвони - еве колку граѓани се јавиле на „Ало докторе“

 

Од 15 септември до 1 февруари 20.155 граѓани се јавиле на телефонската линија 02/15 123 за медицински совет „Ало докторе“.

Здравствен дом Скопје соопшти дека изминатите седум дена од 26 јануари до вчера за медицинска помош на линијата се јавиле 1.200 лица. Дваесет и двајца доктори се достапни за медицински совет, а јавувањата се од граѓани од сите градови на Македонија.

Од Здравствен дом Скопје информираат дека на сите оние лица кои се јавиле на телефонската линија „Ало докторе“ им е дадена соодветна медицинска помош преку здравствен совет и соодветна симптоматска терапија доколку било потребно. Поради здравствената состојба за која ја повикале линијата „Ало докторе“, на три лица повикот им е пренасочен кон Службата за Итна медицинска помош 194.

Јавувањата изминатата седмица најчесто биле за респираторни симптоми, кашлица, настинки, покачена телесна температура, стомачен вирус и симптомна болка.

Во кол центарот „Ало докторе“ секој ден од 18 до 22 часот за медицински совет се дежурни и достапни директорите на јавните здравствени установи.

На линијата денеска од 18 до 22 часот дежурен ќе биде директорот на Клиниката за трауматологија, доц. д-р Славчо Стојменски,  а утре ќе биде д-р Сузана Двојаковска од Клиниката за максилофацијална хирургија.

На 4 февруари во кол центарот „Ало докторе“ дежурна ќе биде директорката на Здравствен дом Скопје, д-р Татјана Баевска-Вучковиќ спец.педијатар, на 5 февруари дежурен ќе биде директорот на Клиниката за уво, нос и грло, проф.д-р Никола Николовски, а на 6 февруари д-р Слободан Ѓеоргиевски од ЈЗО Здравствена станица „Универзитет Св.Кирил и Методиј“.

На 7 февруари на линијата 02/15123 од 18 до 22 часот дежурна ќе биде проф. д-р Бисерка Ќаева од Клиниката за пулмологија и алергологија, а на 8 февруари дежурна ќе биде директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, д-р спец. Смиља Туџарова.

 

 

Оцени ја веста

02.02.2015 - 09:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега