Поплави во Чешиново-Облешево, отсечени села - екипите на терен

Надојдената вода во реката Брегалница ноќеска помина низ Штип без посеризно да го загрози градското подрачје. Најкритично е во општината Чешиново-Облешево, а поплавени се и земјоделски површини во кочанско.
Во општината Чешиново-Облешево, реката Брегалница се излеа во атарот на Облешево, Чифлик и селото Теранци, а поплавени се и дворови и куќи во селата Чешиново и Уларци. Селото Теранци дваесет и четири часа беше отсечено од општинскиот центар Чешиново-Облешево и единствената врска ја имаше преку општина Зрновци. Кризниот штаб од оваа општина е на терен, а механизација работи на расчистување на најкритичните места за прифаќање на надојдените води.
Акумулацијата Калиманци веќе 24 часа се наоѓа на прелив. Дотокот на вода, кој вчера попладне изнесуваше 280 метри кубни вода во секунда, сега е намален на 230, а од Калиманци се испуштаат и 70 метри кубни вода во секунда. Акумулацијата Градче е исто така на прелив, а нивото на Кочанска Река низ градот е двојно зголемено.
Во текот на вчерашниот ден и ноќеска надојдените води на Кочанска и на Оризарска Река се излеаја на оризовите површини, а водата навлезе и во селата Прибачево, Теранци и Горни Полог, Кочанско.
Во општина Виница надојдените води на реката Осојница урнале еден електричен столб, а поплавени се повеќе стотина површина ораници.
Поради одрони патниот правец од Истибања кон браната Градче е затворен, а сообраќајот е пренасочен од Виница кон Берово.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









