Писмо со сочувство од Иванов по повод смртта на Жељу Желев

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод смртта на Жељу Желев упати писмо со сочувство до неговиот бугарски колега Росен Плевнелиев, граѓаните на Бугарија и семејството на починатитот поранешен претседател.
- Дозволете ми, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам длабоко сочувство по повод смртта на поранешниот претседател на Република Бугарија, Жељу Желев. Како голем државник и визионер, претседателот Желев покажа вистинско лидерство и храброст во забрзувањето на процесот на транзиција и демократизација во Република Бугарија, како и во остварувањето на нејзината европска и евроатлантска перспектива. Токму благодарение на неговата посветеност и ангажман, Република Бугарија денес го живее сонот и ги ужива привилегиите од визијата за обединета Европа и од членството во големото евроатлантско семејство, се вели во писмото од Иванов.
Претседателот Желев, се додава, беше голем и докажан пријател на Република Македонија и мој личен пријател.
- Република Македонија никогаш нема да ја заборави неговата улога во процесот на меѓународното признавање под нејзиното уставно име. Ние остануваме благодарни за неговиот личен придонес во воспоставувањето, развојот и зацврстувањето на односите, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите две држави и народи. Ќе остане запаметена и неговата улога во трансформирањето на целиот балкански регион, постигнувањето на стабилност и безбедност, како и за неговата евроатланска иднина, се потенцира во писмото со сочувство од претседателот Иванов.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









