Штрајкот ја губи поддршката - членството ги насети манипулациите

Дека штрајкот на СОНК ја губи и онака лошата почетна кондиција, говорат податоците од надлежните институции, општинските самоуправи и централните власти, според кои послушноста за реализација на наметнатите активности од тесното синдикално раководство заради лична промоција и задржување на актуелните позиции кои нудат безброј бенефиции и поволности, секојдневно ја откажуваат многу субјекти, кои на почетокот ја прифатиле навидум искрената идеја за бојкот, со цел унапредување на општествениот статус на професијата наставник.
Еден наш извор, кој сакаше да остане анонимен, вели дека многумина од наставниците во основните и средните училишта кои и се вратија на наставата и продолжија со реализација на материјата, во професорските кругови говореле дека и покрај огромното животно и професионално искуство, наседнале на манипулациите на Јаким Неделков и потесниот круг на луѓе околу него, кои очекуваат реизбор и задржување на раководните позиции во октомври годинава.
Сепак, штрајкот никако не може да се генерализира и покрај обидите на СОНК во јавноста да наметне такво мислење. Итајќи кон целта, дури и направија една урнебесна пародија. Изготвувајќи апликација мапа – за тоа каде се штрајкува, Синдикатот за образование, наука и култура театрално нотира и означува штрајк во речиси цела Македонија, иако е повеќе од јасно дека 90% од училиштата работат вообичаено. На мапата е обележано дека штрајк на СОНК има во Врање...Во Врање, навистина има штрајк. Но тој го организираат српските просветари, оправдано, затоа што владата одлучила да им се скратат платите за 10%, а утврден е и вишок наставници кои ќе бидат отпуштени. Ова, не е случај во нашата земја.
Анализирајќи ги фактите, слободно може да се констатира дека наводниот штрајк во земјата, се сведува на теоријата дека се работи за делумен бојкот на наставата од поединци просветари во дел од општинските училишта, како оние во Куманово и Струмица, каде кадарот е поставен од најголемата опозициска партија која засега ја држи општинската власт по целосна контрола и каде неофицијално се правеле списоци и се пребројувало членството за евентуално организирање и поддршка на масовен протест во главниот град.
Кон оваа листа се додаваат и дел од наставниците во училиштата во Дебар, Гостивар, Кичево, Битола, Тетово и Струга, каде револтот кај родителите на учениците се повеќе се зголемува поради, како што велат изживувањето врз нивните деца, од страна на наставниците поддржувачи на СОНК кои веќе десетина дена наназад ги враќаат учениците велејќи им дека нема да држат настава бидејќи штрајкуваат. Велат, класичен неморал на вторите родители на учениците, кои без никаква грижа и совест дозволуваат учениците да пропуштаат голем дел од наставните содржини, кои нема да можат да ги совладаат наеднаш.
До кога ќе трае ова даскалско шоу, во кое децата се најголемиот губитник, зависи од одлуката на еден човек, првиот синдикалец чиј што мандат истекува.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









