Годишен извештај на НАТО: Членство за Македонија откако ќе се реши прашањето за името

 

Северноатлантската алијанса испрати уште една порака дека Република Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО, откако ќе го реши наметнатиот спор за името со Грција. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, денеска во седиштето на НАТО во Брисел го претстави годишниот извештај за 2014 година, каде во однос на политиката на „отворени врати, повторно е посочена единствената пречка и услов за влез на Македонија во најголемата воено-политичка организација на светот.

Во поглавјето насловено „отворена врата, во извештајот за минатата година на Алијансата се наведува дека четири земји-партнери имаат аспирации за членство во НАТО: Босна и Херцеговина, Грузија, Црна Гора и Република Македонија. Притоа, се наведува дека на Самитот во Велс, лидерите на НАТО се согласиле да започнат период на „интензивирани и фокусирани разговори" со Црна Гора за решавање на преостанатите прашања во врска со аспирациите на земјата за членство и дека напредокот на оваа земја ќе се оценува најдоцна до крајот на 2015 година со цел да се донесе одлука дали да се испрати покана за влез во Алијансата.

- Покана до Република Македонија ќе биде испратена откако ќе биде постигнато заемно прифатливо решение за прашањето за името на земјата во рамки на Обединетите нации - по којзнае кој пат гласи пораката од најголемата воено-политичка организација до нашата земја во однос на остварување на членство, кое според критериумите, Македонија го заслужува од 2008 година.

За Грузија, пак, се посочува дека лидерите на НАТО се согласиле да се развие голем пакет на мерки за помош на земјата во подготовката на идното членство во НАТО, додека од Босна и Херцеговина се бара продолжување на реформите со цел исполнување на стандардите на НАТО, преку регистрација на недвижниот одбранбен имот како државен имот на оваа поранешна југословенска република.

Во однос на останатите теми, Столтенберг во најголем дел од извештајот ја нотираше кризата во Украина и влијанието на Руската Федерација на состојбите на теренот во оваа држава, како и предизвикот наречен Исламска држава на Ирак и Левант (ИСИЛ).

 

 

Оцени ја веста

30.01.2015 - 13:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега