Спортски сали, стадиони, мото крос патека, аква парк - што се ќе добие Прилеп?

Еден од повеќето приоритети на општина Прилеп во соработка со Владата, Министерството за образование и наука, Агенцијата за млади и спорт и други донатори, е инвестирање во подобрување на условите за развој на спортот во Прилеп, истакна денеска градоначалникот Марјан Ристески.
Крајната цел на овој приоритет, според градоначалникот, е правилен психо- физички развој на младата популација во Прилеп, што ќе биде голема придобивка како за општината, родителите така и за државата и сите спортови во градов.
-Годинава не` очекува пуштање на две нови спортски сали, едната од мал обем во СОУ „Кузман Јосифоски Питу“, а другата од голем обем во ОУ „Добре Јованоски“ како и поставување на камен темели за изградба на нова сала во некое од другите основни училишта. Проектот е во соработка со Министерството за образование и наука и Владата на РМ. Вредноста на овој проект е повеќе од милион евра, со што во многу ќе се подобри капацитетот на спортските сали во градов, истакна Ристески.
Покрај изградбата на фудбалски терени за голем фудбал на „Паркот на Револуцијата“ и во населеното место Тополчани, при крај се и градежните активности за пуштање во упореба, за прв пат во историјата на Прилеп на стадионот со вештачка трева за голем фудбал со рефлектори и комплетно уредени соблекувални, за одвивање на тренинзи и на официјални утакмици. Вредноста на целосната инфраструктура е повеќе од половина милион евра.
-Оваа година ќе продолжи доизградбата на фудбалски стадион за голем фудбал во населеното место Алинци, а во втората половина од оваа година се очекува започнување на реконструкција и осветлување на фудбалскиот стадион во Големо Коњари. Капитален проект, кој ќе се реализира оваа година за развој на фудбалот во градов и Македонија е започнување на комплетна реконструкција после повеќе децении на градскиот стадион „Гоце Делчев“ од програмата ХЕТ ТРИК- 4, донација од УЕФА, кој ќе се реализира преку ФФМ, во вредност од 750 илјади евра. Со овој проект стадионот ќе добие реконструкција на постојните трибини, комплетна дренажа и преуредување на теренот за фудбал и комплетно осветлување за одвивање на ноќни утакмици на истиот, додаде градоначалникот.
Со средување на документацијата, по пат на јавно - приватно партнерство, стадионот ќе се припрема за доизградба на една до две нови трибини со цел задоволување на европските стандарди за одвивање на фудбалски утакмици.
-Со овие нови фудбалски стадиони, Прилеп ќе биде една од општините која ќе има најмногу стадиони за фудбал, што ветува во иднина развој на нови таленти за фудбал и враќање на нивото на фудбалот во градот како пред десетина години. Благодарение на Швајцарската донација од Лозана пристигната е балон сала во градов која ќе биде сместена во еден од дворовите во Основните училишта а исто така оваа година ќе заврши монтирањето на преку 2,500 метри квадратни пластифициран под во салите на училиштата во градот, кое ќе го подобри квалитетот на физичкото образование во самите училишта. Моментално се монтираат преку 100 рефлектори кои исто така се донација од Спортскиот комплекс во Лозана во дворовите на сите спортски игралишта и спортски комплекси кои ги има на територијата на општина Прилеп, подвлече Ристоски.
Во средината на оваа година, се очекува уште една донација од Лозана, 15.000 столчиња, кои во иднина би се распоредиле на реконструираниот стадион „Гоце Делчев“.
-Со ова, Прилеп покажува како општина дека не само со средства од буџетот на општината и државниот буџет, туку исто така е успешен во искористување на средства и од разни донатори од пријателски општини од други држави. И, приватните инвестиции не изостануваат во подобрување на спортската инфраструктура и атрактивност на градот. Благодарение на нив оваа година по пат на јавно – приватно партнерство ќе биде поставена уште една балон сала во дворното место на ОУ „Блаже Конески“. Преку претходно средување на планската документација, од страна на Општината се овозможи нова приватна инвестиција – Аква парк во близина на Могилата, кој треба да биде пуштен во употреба во летниот период.
Оваа година со помош на Агенцијата за млади и спорт ќе биде поставен и камен темелник на ново тениско игралиште, второ по ред, во дворното место на Гимназијата „Мирче Ацев“ и со поставување на вештачка трева на постојното игралиште за мал фудбал, овој дел од градот и училиштето ќе добијат комплетен спортски комплекс.
-Да не заборавиме дека оваа учебна година токму во Гимназијата „Мирче Ацев“ започна за прв пат со работа Фудбалската академија, и се надевам дека доколку има интерес оваа година од септември месец ќе започне за прв пат и ракометната академија. Исто така, оваа година ќе бидат реконструирани и неколку други игралишта а ќе бидат изградени и нови паркови во комбинација со детски игралишта и поставување на пинг – понг маси во истите паркови. Овие игралишта се наменети за најмладите. Оваа година ќе продолжи доуредувањето на мото крос патеката со голема надеж дека годинава ќе бидеме огранизатори на Европско или Светско првенство во Мото крос. А, со тоа Прилеп станува центар на екстремните спортови, со организирање на Светски куп во болдеринг, параглајдинг, маунтбајк, ултра маратон со кој што е зголемена атрактивноста за развој на спортскиот туризам во градот и Р.Македонија. Ќе продолжиме со поддршка на училишниот спорт и други спортски манифестации како и организирање на веќе традиционалниот турнир во мал фудбал во чест на Св.Никола, потенцираше првиот човек на Прилеп.
Најави дека во континуитет ќе се продолжи со поддршка на спортските клубови и таленти од градот, посебно финансиска поддршка за двата најпопуларни клуба од градот- ФК “Победа“ и посебно РК “Прилеп“, кој оваа година го врати ракометниот сјај на градот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









