Два нови рудника стартуваат со работа годинава

 

На денешната 33-та седница во Собранието на Република Македонија предвидена за поставување на пратенички прашања, своето право да постави пратенички прашања го искористи пратеникот од Кичево од редовите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Благоја Деспотоски.

Деспотоски на денешната седница постави три пратенички прашања од кои првото беше упатено до Министерството за економија и се однесуваше на отворањето на двата рудници во Кичево, конкретно едниот рудник за железо во Тајмиште, а другиот за манган Стогово т.е. нивното рестартирање кое за кичевчани и кичевскиот регион е многу важно за повторно заживување на економијата и можност за отворање на нови работни места во Кичево и околните населени места.

Одговорот на ова прашање го даде заменик министерот за економија Делев во кој потенцираше дека концесиите за експлоатација за двата рудника беа издадени минатата година и тие ќе почнат активно да работат оваа година. За рудникот за манган Стогово работите веќе се во тек, дополнително се гради алтернативен пат со цел да не пречат на мештаните, а во текот на оваа пролет ќе има активности односно копање на терен. Што се однесува за другиот рудник Тајмиште, концесионерот работи на изготвување на детална студија за рестартирање на овој рудник и се надеваме дека во текот на оваа година и овој рудник ќе биде рестартиран и ќе почне со работа.

Второто пратеничко прашање Деспотоски го упати до Министерот за труд и социјална политика во врска со проектот за отпис на долговите на граѓаните, проект за кој целата македонска јавност ја даде својата поддршка.

Конкретното прашање до Министерот Спасов беше со каков интензитет тече овој многу важен проект за социјално загрозените лица и со каков интензитет ќе продолжи да се имплементира овој значаен проект?

Во однос на проектот за еднократен отпис на долговите на граѓаните, министерот Спасов посочи дека вкупно биле доставени 41 765 барања, при што сите барање биле земени во процес на обработка и разгледување и дека досега на 5112 барања е одговорено позитивно чиј износ на отпишаните долгови изнесува нешто околу 7,8 милиони евра. На крај би сакал да истакнам дека има уште значителен број на барања кои се уште се во процес на администрирање и обработка.

И последното прашање беше поставено до Министерот за образование и наука, во врска со штрајкот на просветните работници во училиштата. Конкретно, беше запрашан министерот Адеми дали кон оние просветни работници кои не го поддржуваат штрајкот е во ред да се вршат притисоци и закани со тужби од страна на раководството на СОНК?

- Ова прашање го поставувам бидејќи имам сознанија дека на претседателот на огранокот на СОНК во Кичево му е поднесена тужба од страна на Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, само поради тоа што не го поддржува штрајкот, рече тој.

На ова прашање одговор даде министерот Адеми кој исто така потврди дека и до министерството за образование и наука доаѓаат информации околу разни притисоци и закани кон одредени просветни работници, но би апелирал до оние врз кои им се врши притисок и закани да пријават кај надлежните органи за понатамошно разгледување и процесирање и преземање на сите расположливи мерки против овие несакани дејствија.

 

 

Оцени ја веста

29.01.2015 - 15:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега