Подобрување на односите, но не и промена на позициите за името

Поранешните македонски министри за надворешни работи Антонио Милошоски и Срѓан Керим очекуваат подобрување на односите со јужниот сосед по победата на Сириза и на нејзиниот лидер Алексис Ципрас на вчерашните предвремени парламентарни избори во Грција, но не и драстична промена на позициите во однос на прашањето за името.
Милошоски потенцира дека треба да бидеме свесни дека Ципрас не е Самарас и оти неговата политиката кон Македонија нема да може да биде полоша од онаа на Самарас кон нас. Но, нагласува, не е ниту Мајка Тереза и не е наивен политичар и неговата политика кон Македонија нема да биде таква каква што посакуваме да биде.
- Победата на Сириза е големо случување и за Грција и за соседството. Мислам дека во овој момент тие што премногу ќе очекуваат од Ципрас можат да се разочараат, а тие што ќе го потценат можат да бидат изненадени. Затоа во Република Македонија треба да ги урамнотежиме нашите очекувања од Ципрас којшто можеби како опозиционер би изгледал полиберално, но утре доколку биде премиер или неговата партија биде носечка во новата влада на Грција, сигурно е дека ќе биде поконзервативен во своите ставови, изјави Милошоски за МИА.
Тој посочи дека нема да биде изненаден доколку на некоја од следните прес-конференции на новиот министер за надворешни работи во владата на Грција бидат повторени црвените линии од претходните грчки влади, затоа што, како што вели, Сириза во моментов ќе има министри и пратеници, но длабоката државна администрацијата, дипломатијата и многу други раководни функции во изминативе 40 години беа запоседнати со кадри од Нова демократија и од ПАСОК и нема преку ноќ да може така лесно да поминува.
- Новата влада на Сириза прва главоболка ќе има дали во февруари, март ќе има пари за плати и пензии за грчките граѓани. Втората работа која што ќе треба да ја има на ум е дали во февруари ќе има бензин и керозин за грчката полиција и за грчката армија, така што очекувам дека надворешно-политичките прашања нема да бидат приоритет на Сириза во првите шест месеци од владеењето. Информациите говорат дека Ципрас ќе формира коалиција бидејќи има 149 пратеници во грчкиот Парламент со партијата Независни Грци (АНЕЛ) чијшто претседател е Панос Каменос. Панос Каменос е поранешен висок член на Нова демократија којшто се отцепи од таа партија и формира своја. Оваа партија Независни Грци има многу порадикални ставови за надворешно-политичките приоритети на Грција дури и од партијата на Самарас. Така што доколку се потврди информацијата дека Сириза ќе прави влада со партијата Независни Грци, тогаш сигурен сум дека по надворешно-политичките прашања ќе имаме еднакво тврди ставови какви што сме ги имале во изминативе 10 до 15 години, потенцира Милошоски.
Керим оценува дека Алексис Ципрас припаѓа на една нова генерација на политичари во Грција и затоа се надева дека ќе внесе свежина во надворешната политика на земјата и ќе ја ослободи од одредени стереотипи.
- Македонија и Грција се соседи со истоветни стратешки определби на меѓународен план. Имено припаѓаат на евроатланскиот сојуз и интеграција. Токму затоа нивните односи би требало да почиваат врз меѓусебна доверба, добрососедска атмосфера и плодна соработка, вели Керим за МИА и нагласува дека Сириза и нејзиниот лидер Алексис Ципрас заслужуваат честитки за нивната убедлива победа на парламентарните избори во Грција.
Прашан дали со Сириза на чело на Грција е можен напредок во решавањето на проблемот за името и деблокада на интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, Керим одговара дека очекува конечно двете страни да седнат на иста маса и да разговараат за проблемот.
- Решавањето на проблемот со името ги оптоварува односите меѓу двете земји повеќе од две децении. Се вртиме во круг. Нема напредок. Истовремено се изредија многу премиери и влади и на двете страни. Она што е реално да се очекува од идниот грчки премиер Ципрас е да прифати конечно да се седне на маса и сериозно да се разговара како да се излезе од овој ќорсокак. Мислам дека со помош на меѓународниот фактор тоа е изводливо. Јасно е дека секоја, па и оваа грчка влада ќе делува од позиции на грчките национални интереси и согласно нивната утврдена позиција во врска со решавањето на проблемот. Тоа право припаѓа и на македонската страна, што значи дека само преку фер и разумен компромис ќе биде можно да се најде взаемно прифатливо решение, истакнува Срѓан Керим.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









