МОН: Успешно заокружено екстерното тестирање на средношколците

Министерството за образование и наука соопшти дека екстерното тестирање на учениците од завршните години во средните училишта успешно е заокружено во дел од училиштата, а во дел е во фаза на финализација.
Процесот е делумно реализиран во средните училишта во општините Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево, додека во СОУ „Димитар Влахов“ во Струмица поради недостиг на тестатори ќе бидат утврдени дополнителни термини за тестирање.
Според информациите од кол центрите, ангажираните тестатори и надбљудувачи, досега тестирањето е успешно заокружено во средните училишта во Македонски Брод, Богданци, Валандово, Берово, Виница, Делчево, Кавадарци, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Демир Хисар, Маврово – Ростуше и Липково.
Во фаза на финализација тестирањето е во училиштата во Штип, Свети Николе, Врапчиште, Гевгелија, Неготино, Прилеп, Охрид, Кочани, Велес, Илинден, Струга, Битола, Крушево, Кратово, Македонска Каменица и Крива Паланка.
Процесот е успешно започнат и во фаза на финализација и во сите средни училишта на територијата на град Скопје.
Во Струмица тестирањето е целосно заокружено во СОУ „Јане Сандански“ и СОУ „Никола Карев“.
Екстерната проверка на постигнувања на знаењата на учениците од завршните години од средните училишта започна денеска во 9:30 часот, согласно објавените распореди на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk, каде беше објавен и јавниот базен со вкупно 50.400 прашања на македонски, албански и турски јазик, коишто се дел од тестовите за гимназиско и стручно образование за сите струки, насоки и предмети.
Тестирањето ќе трае до 30 јануари, а резултатите ќе бидат објавени на 2 февруари. Со тестирањето се опфатени 20.567 ученици од завршните години (трета и четврта година) во 98 средни училишта, а се проверува и објективноста на оценувањето на 3.923 наставници по 2.622 предмети.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









