Делегација на македонското Собрание на сесија на ПССЕ во Стразбур

 

Делегација на Собранието на Република Македонија од денеска до 30-ти овој месец ќе учествува на редовната зимска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, Франција, пренесе МИА.

Во состав на македонската делегација се шефот на делегацијата Александар Николоски и пратениците Ермира Мехмети и Владимир Ѓорчев. 

Главните теми на зимската сесија ќе бидат итната дебата по терористичките напади во Париз, дебатата за заштита на слободата на медиумите во Европа, како и хуманитарната ситуација во Украина.

Како што стои во денешното соопштение од македонското Собрание, пред пратениците на Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе се обрати ирскиот претседател Мајкл Д. Хигинс.

Учесниците на сесијата ќе дискутираат и за дискриминацијата во Европа, со посебен акцент врз христијаните, како и заедничката дебата за еднаквоста и за кризата, како и на правото на колективно преговарање, вклучувајќи го и правото на штрајк. Пратениците ќе расправаат и за извештајот за односите меѓу Советот на Европа и Европската унија.

Министерот за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс, во својство на актуелен претседавач со Комитетот на министри, ќе ги претстави приоритетите на белгиското претседателство и ќе одговора на прашањата на парламентарците.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд ќе има свое обраќање, а комесарот за човекови права Нилс Муижниекс ќе зборува во рамките на дебатата за Украина.

На првиот ден од сесијата, Собранието ќе одржи свеченост по повод одбележувањето на 70-годишнината од ослободувањето на Аушвиц на која е предвидено да се обратат преживеани од Аушвиц. 

 

 

Оцени ја веста

26.01.2015 - 10:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега