Телефонот постојано ѕвони: Од 15 септември 18.950 граѓани побарале совет на „Ало докторе“

Од 15 септември до 25 јануари, 18.950 граѓани се јавиле на телефонската линија 02/15 123 за медицински совет „Ало докторе“.
Здравствен дом Скопје соопшти дека изминатите седум дена од 19 до 25 јануари за медицинска помош на линијата се јавиле 936 лица. Дваесет и двајца доктори се достапни за медицински совет, а јавувањата се од граѓани од сите градови на Македонија.
Од Здравствен дом Скопје информираат дека на сите оние лица кои се јавиле на телефонската линија „Ало докторе“ им била дадена соодветна медицинска помош преку здравствен совет и соодветна симптоматска терапија доколку било потребно. Поради здравствената состојба за која ја повикале линијата „Ало докторе“ на две лица повикот им бил пренасочен кон Службата за Итна медицинска помош 194.
Јавувањата изминатава седмица најчесто биле за респираторни симптоми, кашлица, настинки, покачена телесна температура, стомачен вирус и симптомна болка.
Во кол центарот „Ало докторе“ секој ден од 18 до 22 часот за медицински совет се дежурни и достапни директорите на јавните здравствени установи.
На линијата „Ало докторе“ денеска од 18 до 22 часот дежурна ќе биде директорката на Геронтолошки завод „13 Ноември“, Ленче Неловска, а утре директорот на Специјалната болница за гинекологија и акушерство - Чаир, Мендух Јегени.
На 28 јануари дежурна ќе биде доктор Живка Јордановска од Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, на 29 јануари директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, Оливер Зафировски, на 30 јануари доктор Идриз Неџипи од Психијатриската болница Скопје-Бардовци.
На линијата „Ало докторе“ на 31 јануари од 18 до 22 часот дежурна ќе биде доктор Оливера Давчева од ЈЗО Здравствена станица Железара, а на 1 февруари директорот на Клиниката за дерматовенерологија, Небојша Пешиќ.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









