Без калкулации, за гордоста се работи
Попладнево во Доха ќе заврши групната фаза од Мундијалот во Катар, а Македонија игра против Австрија.
Во досегашниот тек од Светското првенство Македонија забележа три победи, против Тунис, Иран и БиХ, додека во четвртото коло забележа пораз од најдобрата селекција во оваа група, Хрватска.
Токму „коцкестите“ ќе завршат на првото место на табелата, а ние попладнево одлучуваме дали ќе бидеме веднаш зад нив или ќе мора да се задоволиме со третото место.
Пласманот во осминафиналето е обезбеден по трите победи во низа, но желбите се со победа да се заврши првата фаза и секако да се освои второто место на табелата.
Во однос на денешниот противник нашата репрезентација има бод повеќе, па во борбата за второто место на Македонија и одговара и нерешен резултат. Сепак, Македонија не знае да калкулира, нашите ракометари на секој натпревар влегуваат со победа во мислите. Впрочем такви најави стигнуваат и од Доха, дека иако е потрбен само еден бод за да се осигура второто место, сепак нема да има калкулирање, напротив ќе се брка третата победа во пресметките со Австрија.
Најискусниот, најдобриот и лидерот во нашиот тим Кире Лазаров вели дека Македонија е фаворит и од таа улога не смее да се бега бидејќи во моментов сме далеку подобри од Австрија.
-Немаме ниту една причина да бидеме со наведнати глави, напротив, имаме одличен резултат од три победи и еден пораз, резултат кој во Доха го остварија само мал број на репрезентации. Од селекцијата на Австрија сме многу подобри и нема зошто да бегаме од улогата на фаворит. Уште повеќе, посакувам и победа со поголема разлика и со четврта победа да го освоиме второто место. Мал хендикеп е повредата на Јоновски, кој е столб во нашата одбрана. Но, познавајќи го Јоновски, знам дека тој ќе стисне заби и ќе ни помогне, вели Кире Лазаров.
Македонија и Австрија имаат три меѓусебни пресметки, а традицијата е на наша страна. Две победи и еден пораз имаме во дуелите со денешниот противник.
Минатата година на ЕП во Данска нашите ракометари славеа со 22:21, додека во квалификациите за СП во 2013-та во Шпанија, двете селекции забележаа по една победа.
Почетокот на натпреварот е во 17 часот, а претходно ќе биде завршен и дуелот од А група Шпанија – Словенија, по што ќе биде и познат ривалот на Македонија во осминафиналето.
Двојки 5. коло
Група Б: Македонија – Австрија, Тунис - Иран, Хрватска – Босна и Херцеговина.
Табела: Хрватска 8, Македонија 6, Австрија 5, Тунис 3, БиХ 2, Иран 0.
Група А: Бразил – Чиле, Словенија – Шпанија, Катар – Белорусија.
Табела: Шпанија 8, Катар 6, Словенија 6, Белорусија 2, Бразил 2, Чиле 0.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа