ФОТО: Ова е виничанецот кој го фати крстот во Скопје

 

Дваесет и двегодишниот Душан Чимев од Виница успеа меѓу 120 учесници да го фати крстот во водите на Вардар, што напладне од мостот кај „Холидеј ин“ го фрли архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.  

- Господ на сите да им дава среќа, здравје, љубов и вера, рече Чимев, кој прв пат го фаќа крстот во Скопје. 

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан на Чимев му дарува Свето писмо, златен крст и икона на Исус Христос.

Г.г. Стефан пред чинот на осветување на водите на реката Вардар, рече дека овој чин, не потсетува на настанот во јорданските води, но и на дадената можност преку водата и крштавањето повторно да се родиме и да бидеме со Бога. Овој чин, додаде тој, е прв услов за влез во светата црква.

- Госпот Исус Христос се крстил на денешен ден и со тоа на величенствен начин ја започнал својата мисија. Тој настан веќе два милениума е причина зошто христијанските народи меѓу кои и ние православните Македонци и во татковината и ширум во светот на најсвечен начин го одбележуваме празникот богојавление, рече  г.г. Стефан.

Церемонијата почна со богојавленската литургија во 9 часот во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, а потоа поглаварот на МПЦ со свештенослужителите дојде на мостот на Вардар и ги освети водите на реката. И овој пат скопјани во голем број дојдоа да го проследат чинот на осветување на водите и фрлањето на светиот крст.

За безбедност на верниците во вода ќе грижеше специјалната единица на Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст на Град Скопје. За безбедноста на копно беа ангажирани полицајци, како и лекарска екипа на Брзата помош.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануваaт лековити.

 

 

Оцени ја веста

19.01.2015 - 12:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега