Охридскиот огранок на СОНК против одлуката на раководството за штрајк

Регионалниот одбор на СОНК од Охрид денеска соопшти дека според сознанијата добиени од претседателите на синдикалните организации во регионот во инситуциите што ги покрива СОНК од Охрид не се формира штрајкувачки одбор што значи дека членството во Охрид не дава поддршка на штрајкот закажан од раководството на СОНК за 20 јануари
Наставниците од Охрид нема да го поддржат генералниот штрајк на СОНК кој според најавите треба да започне во вторник на 20-ти јануари, информираа денеска од охридскиот Регионален одбор на СОНК, пренесува Ohridnews.
-Според сознанијата добиени од страна на претседателите на синдикалните организациии во нашиот регион, во ниту една од образовните институциии кои што ги покрива СОНК во Охрид, не е формиран штрајкувачки одбор. Тоа значи дека членството во Охрид не даде поддршка на штрајкот кој е закажан на 20-ти јануари. Нашиот регион опстои на ставот односно на размислувањето дека би можело да се најде решение за проблемите и на преговарачка маса, изјави Аце Речкоски, претседател на Регионалниот одбор на СОНК во Охрид.
Согласно најновите законски измени во образованието, доколку некој од вработените одлучи да се приклучи кон најавениот штрајк, раководните органи на училиштата преку Агенцијата за вработување ќе обезбедат соодветна замена со цел наставата да се одвива редовно и непречено.
Инаку во текот на вчерашниот ден, Охридската локална самоуправа оджа средба со активот на директори од училиштата во Охрид, на која беше заклучено дека охридските основни и средни училишта се подготвени за почетокот на второто полугодие од училишната година.
-Заедничен заклучок со директорите е дека сите предуслови за одржување на наставата и почеток на второто полугодие се исполнети. Училиштата се снабдени со нафта за греење, други проблеми во комунална сфера немаат, така што од 20-ти јануари ќе започне редовната настава, рече Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.
Тој истакна дека Охрид е една од ретките општини во Македонија која има формирано актив на директори и кој како алатка функционира одлично.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа








