Македонија прва земја потписник на спогодбата за Балканските медицински сили

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски ја потпиша спогодбата за Балканските медицински сили.
Република Македонија е всушност првата земја која ја потпиша спогодбата, со што се потврди и определбата на нашата земја, но и на Министерството и армијата на Република Македонија за поблиска регионална соработка на сите полиња.
-Со тоа ние ќе овозможиме и нашиот регион да биде побезбеден и попросперитетен, рече министерот Јолевски на потпишувањето, во присуство на одбранбеното аташе на Кралството Норвешка кое е иницијатор на севкупниот проект.
Балканските медицински сили чие седиште е во Република Македонија, имаат за цел да ги подобрат и дополнително зајакнат националните и регионалните воени медицински капацитети за поддршка на цивилната заедница, како и да ја зајакнат интероперабилноста на регионот со Обединетите Нации, НАТО и Европската Унија на ова поле.
Од регионот, во Балканските медицински сили освен Република Македонија, вклучени се и Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија, Србија и Црна Гора, со поддршка од Кралството Норвешка и Соединетите Американски Држави.
Проектот е дел и од концептот за „паметна одбрана“ имајќи предвид дека вклучува специфични капацитети од земјите од регионот, кои ќе бидат достапни за тие земји, но и во рамките на некое идно можно заедничко учество во меѓународни мировни мисии.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









