Аќимоски: Проектот за МЖ Транспорт ќе придонесе за насочување на македонската економија кон меѓународниот глобален пазар

 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Аќимоски денеска истакна дека проектот за обновување и набавка на нови влечни и влечени средства за потребите на МЖ Транспорт е неопходен.

Во продолжение интегрален текст од прес конференцијата на Сашо Аќимоски

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во програмата од последните парламентарни избори ветивме обвновување и набавка на нови влечни и влечени средства за потребите на МЖ Транспорт. Овој проект претставува еден од најкрупните и долгоочекуваните проекти, посебно ако се земе во предвид дека инвестиција од ваков тип во железничката инфраструктура немало 35 години наназад.

Токму поради важноста и неопходноста од еден ваков крупен проект, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја даде својата безрезервна поддршка за дополнување на Предлог законот за гаранција на Република Македонија преку кој ќе се изврши набавка на 4 дизел-моторни триделни патнички гарнитури и 2 електро-моторни триделни патнички гарнитури, како и рехабилитација на 8 електро локомотиви и набавка на 150 товарни вагони. Првиот дел од набавката на патничките гарнитури се планирани да пристигнат во месец април оваа година, а со останатиот дел кои ќе пристигнат ќе се реализира возобновување на возниот парк за 60%.

Реализацијата на овој капитален проект ќе овозможи значителен напредок и зголемување на конкурентноста и профитабилноста на Македонските железници за што подобро позиционирање и опстанок на ова претпријатие на домашниот и меѓународниот пазар.

Дополнително, железничкиот сообраќај како еден од најкористените и најевтините видови на сообраќај во Република Македонија, преку набавката на нови патнички гарнитури значително ќе го подобри квалитетот и безбедноста на овој тип на превоз со што ќе бидат исполнети највисоките европски стандарди од што најголеми поволности и бенефиции ќе почувствуваат сите граѓани кои секојдневно ги користат услугите на железничкиот сообраќај.

Освен придобивките кои ќе ги имаат граѓаните од набавката на патничките гарнитури, со набавката на 150 товарни вагони ќе се придонесе за создавање на поволни услови и насочување на македонската економија кон меѓународниот глобален пазар, поттикнување на нови инвестиции, како и зголемување на трговската размена со други земји.

Како пратеници од редовите на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ неодамна ја поддржавме и изградбата на пругата Куманово - Бељаковце, која исто така претставува капитален проект за подобрување на железничката инфраструктура.

 

Оттука, ние и понатаму ќе продолжиме да ја даваме својата безрезервна поддршка за вакви крупни проекти, кои имаат силно влијание за побрз економски развој на државата, но и огромен придонес за поквалитетен и побезбеден превоз на граѓаните кои ги користат услугите на овој тип на сообраќај.

 

 

Оцени ја веста

16.01.2015 - 15:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега