Претставници на СОНК: Не го поддржуваме штрајкот

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, ја губи поддршката од наставниците и организирајќи протести има за цел да си обезбеди уште еден мандат.
Тие сметаат дека Неделков ги мобилизира наставниците на штрајк од лични причини - за неговата кампања за резибор, а не во интерес на образованието и дека на тој начин се обидува да ја врати довербата што ја загубил кај членството во синдикатот.
- Најавата за штрајк не е искрена и вистинска битка за правата на наставниците, туку е единствено во функција на повторен избор на Јаким за претседател на СОНК. Не сакаме да дозволиме да бидеме неми кукли во рацете на тесното раководство на СОНК, кои ако сакаа досега многупати ќе успееја да се изборат за наставниците. Смешно е да си играат со нас и на секои три месеци да не тераат на штрајкови без јасни концепти и цели, изјави во име на членовите кои се против штрајк Лидија Балџиева, одделенски наставник во ОУ „Димитар Македонски“ и 33 години член во СОНК.
Барањето на Неделков за зголемување на платите на наставниците од 25 отсто е нереално, додаде Балџиева, а целта е да ја омасови поддршката да остане лидер на СОНК.
- Со ваква смислена манипулација се обидува да си ја поврати поддршката. Ако сака да ни помогне, ќе има остварливи и реални барања. А со вакви детски подароци, очигледно сака да креира конфликт и да создава проблеми. Само така ќе биде голем, нешто во што не успеа во целиот негов мандат. Од револуциоинерните најави на Јаким и неговите луѓе досега не сме виделе ништо добро, освен непотребни конфликти со родителите во кои не вовлекуваат и трпење на наставата, рече Балџиева.
Таа додаде дека ја загубиле довербата во Неделков во претходните штрајкови на кои ги повикувал, а не ги заштитувал. - Учениците доаѓаа во училиште и ние моравме да ги згрижиме. Од една страна бевме повикувани од претседателот на СОНК, а од друга страна бевме повикувани од директорите. Тогаш се почувствувавме многу неубаво и затоа бараме да се размисли и се да оди со дијалог, а не со штрајк, изјави Балџиева.
Смета дека условите во образованието не се задоволителни и сакаат да се подобрат, но тоа да се одложи по изборите за претседател на СОНК. Тогаш, рече Балџиева, новоформираните тела да донесат одлуки за мерки и активности за подобрување на правата на наставниците и да преговараат со надлежните институции за остварливи барања.
Во врска со екстерното тестирање, со кое СОНК не се согласува, таа рече дека тоа е проект донесен со закон и треба да се реализира. - Во сите европски земји има екстерно тестирање, рече Балџиева.
Повик до наставниците да не учествуваат во најавениот штрајк упати и Лидија Крстевска-Дојчиновска, дефектолог во Општина Ѓорче Петров. Рече дека и како просветен работник, но и како родител, смета дека им се нанесува штета на децата.
- Тоа ќе значи повторно организација, агенди и програми за работа во викенди, време кога треба да бидеме заедно. Затоа, да не се оди на штета на учениците, на семејствата и на воспитно-образовниот процес и да се почека подобро време, изјави Крстевска-Дојчиновска.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









