Професорите кои ги поддржуваат реформи во високото образование бараат прием кај Иванов

 

Професорите од Граѓанската иницијатива за поддршка на реформите во високото образование бараат прием кај претседателот Ѓорге Иванов за да го запознаат со нивните активности и ставови за измените на Законот за високото образование кои во втора фаза поминаа во матичната собраниска комисија.

Во писмено барање до шефот на државата истакнуваат дека се убедени оти тој како претседател, но и како универзитетски професор, верува во потребата  за поквалитетно високо образование во земјата, во интерес на студентите, професорите и во интерес на развојот на Република Македонија.

-Како членови на Иницијативниот одбор на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование Ви доставуваме барање за прием со цел подетално запознавање со нашите досегашни активности, како и целосно информирање за ставовите и мислењата на професорите кои се дел од Граѓанската иницијатива, а во врска со усвоените измени и дополнувања на Законот за високото образование.  Убедени сме дека како Претседател на Република Македонија, но едновремено и како професор, силно верувате во потребата од подигнување на квалитетот на високото образование во земјата, пред сé, во интерес на студентите, професорите, но секако и во интерес на развојот на Република Македонија. Нашите силни заложби за реформирање на високо образовниот систем на Република Македонија се резултат на потребата за зголемување на неговиот квалитет, за поголемо учество на професорите во креирањето на европската и светската научна мисла, учество во научно-истражувачките проекти надвор од земјата, мобилност и видливост на професорите во европскиот академски простор, и слично. Свесни сме дека високото образование во нашата земја мора да ги следи европските и светските трендови и практики за квалитет, да биде компатибилно со новите знаења подготвени за соочување со глобалните образовни предизвици, со цел создавање енергија и мотивирачка сила која ќе ја движи Република Македонија напред во економска, политичка и општествена смисла. Како одговорни професори сметаме дека овој клучен предизвик не е само наше право, туку и наша голема обврска. Длабоко веруваме во стратешки поставената врвна цел на ЕУ, создавање Европа базирана на знаење, а во таа смисла и Република Македонија базирана на знаење. Знаењето е клучната сила што го движи светот напред, како и клучната сила што ќе ја движи Република Македонија напред. Крајно време е целата македонска академска заедница да се обедини во насока на реализирање на оваа мисија, се наведува во барањето.

 

 

Оцени ја веста

12.01.2015 - 14:20
Фото: 
миа

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега