ПОБРЗАЈТЕ: Собранието на конкурс бара квалитетни и образовани кадри
Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 15 декември 2014 година донесе Одлука за објавување на јавен конкурс за избор на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
За потребите на овој јавен конкурс Собранието на Република Македонија бара кандидати за претседател и шест члена на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Според потребните критериумите и квалификации објавени во конкурсот, секој оној кој планира да конкурира, пред се, потребно е да биде државјанин на Република Македонија, да има стекнато најмалку 300 кредити по ЕКТС или завршен VII/1 степен правен факултет, да поседува еден од меѓународно признатите сертификати за познавање на англиски јазик не постар од 5 години, како и работно искуство на управни работи од најмалку 6 години односно работно искуство од најмалку 4 години на правни работи.
Преку овој јавен конкурс Собранието на Република Македонија на еден транспарентен начин, има за цел да обезбеди квалитетни, образовани и стручни кадри, кои што би одговориле на потребите, обврските и активностите кои се во склоп на работата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Имено, јавниот конкурс за избор на претседател и шест члена на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, трае до 8 јануари 2015 година.
Сите заинтересирани граѓани во врска со огласот и условите пропишани во него, подетално можат да се информираат на официјалниот сајт на Собранието на Република Македонија, каде што е и објавен овој оглас.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа