Бугајски: САД и ЕУ треба да ја притиснат Грција за да се реши името

Соединетите Американски Држави и Европската Унија не смеат да дозволат да продолжи спорот со името и Македонија во наредните месеци мора да биде примена во членство во НАТО и потоа во ЕУ, оценува американскиот експерт Јануш Бугајски од Центарот за европски политички анализи во Вашингтон. Според него, ако Грција не го почитува меѓународното право треба да биде исклучена од членство во НАТО и ЕУ, пренесува МИА.
- Мислам дека овој спор трае предолго. Треба ние, САД и Европската Унија, да им објасниме на Грците дека едноставно е предоцна овој спор да продолжи и мора да се реши. Ако за тоа биде потребно да се изврши притисок, тогаш добро. Лично мислам дека европејците можеа да ја условат Грција да го реши спорот и да ги разреши односите со соседите особено со Македонија, кога и одобрија помош за финансиската криза. Но, не е предоцна ова да се постигне со одреден притисок врз Грција, дури и со исклучување на Грција од некои организации ако не сака да го реши спорот, и со поголемо вклучување на Македонија, најпрвин во НАТО, вели Бугајски во изјава за Македонската Радио Телевизија.
Бугајски додава дека Македонија е како „замрзната држава" поради грчкото вето за нашите натамошни интеграции. Тој гледа и пошироки причини зошто спорот за името треба да биде надминат, особено сега во екот на украинската криза.
- Држењето на Македонија надвор од НАТО и ЕУ е лошо за регионот, затоа овој спор за името мора или што побрзо да се реши или да се заобиколи, за да Македонија може да добие членство во двете организации. Македонија без да биде примена во НАТО и во ЕУ, постепено ќе биде под влијание на Русија. И тоа не само Македонија, и некои нејзини соседи исто така. Русија го користи исклучувањето од НАТО и споровите меѓу соседите за да има влијание во регионот и тоа ќе продолжи и во иднина. Тогаш Грција ќе биде виновна што му помогнала на г-дин Путин да создаде нестабилност на Балканот, заклучува Бугајски, кој со децении е ангажиран на балканските спорови, како американски дипломат и експерт.
Како можно решение на спорот, Бугајски потсетува дека Меѓународниот суд на правдата во 2011 година донесе пресуда дека Грција го прекршила меѓународното право кога ја блокираше Македонија за членство во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година. Бугајски смета дека меѓународната заедница треба да ја притисне Грција да го почитува меѓународното право и потпишаните договори со Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









