Иванов - Давутоглу: Традиционално пријателство и партнерство во сите сфери

За натамошно продлабочување на соработката меѓу Македонија и Турција разговарале попладнево претседателот Ѓорге Иванов и турскиот премиер Ахмет Давутоглу, кој денеска престојува во Скопје.
Како што соопшти Кабинерот на Претседателот на РМ, соговорниците изразиле задоволство од традиционалното пријателство и партнерство и од интензивната комуникација и соработка во сите сфери од заеднички интерес, оценувајќи дека тие се потврда за одличните односи меѓу двете држави.
- Изразувајќи благодарност за цврстата и принципелна поддршка на Република Турција во однос на нашите стратешки цели, членството во Европската унија и во НАТО, претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија високо ги цени турските активности и напори по овие прашања. Македонскиот претседател и турскиот премиер ја поздравија економската соработка, која е највисоко на агендата на меѓусебните односи, со очекување за натамошно интензивирање. Беше разговарано и во однос на соработката во сферата на одбраната и безбедноста, културата, туризмот, образованието, како и на мултилатерален план во меѓународните организации, информира Кабинетот на Иванов.
Македонскиот претседател во тој контекст изразил очекување за зајакната соработка во рамките на Алијансата на цивилизациите - иницијатива на Обединетите нации во која Турција е земја-основач.
- Претседателот Иванов и премиерот Давутоглу разменија мислења и информации за состојбите во регионот, за прашањата од надворешно политички интерес за двете земји, и разговараа за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија и на Република Турција, во поглед на соочување со заканата од странските терористички борци, соопшти Кабинетот на Иванов.
Давутоглу истакнал дека Македонија е важен пријател и партнер на Турција и дека, како и досега, и во иднина може да смета на нивната безусловна поддршка и помош. - Додаде дека нашата држава со својот модел на соживот претставува позитивен пример не само во регионот, туку и многу пошироко, соопшти Кабинетот на Претседателот на РМ за средбата на Иванов со турскиот премиер Давутоглу.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









