Орденот Свети Никола за премиерот Никола Груевски
Во Штип од денеска со промоција на списанието СУМ број 74 и трибина „90 години организиран театрски живот во Штип“ почнува чествувањето на патрониот празник Свети Никола. Кирил Панајотов од Општина Штип на денешната прес-конференција објави дека годинава орденот Свети Никола ќе биде доделен на премиерот Никола Груевски.
- Согласно правилникот за доделување на награди и признанија во кои што спаѓаат сите одличија, кои Општина Штип ги доделува делот на наградите посветени на празникот Свети Никола ги донесува исклучиво градоначалникот на Општина Штип, отсекогаш било и ќе биде. Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев образложението на самата седница на Советот на општината ќе биде дадено, а самиот факт и земјаќи ги во предвид активностите и се она што како залагање и ангажман премиерот Никола Груевски направи за Штип и за источниот регион, мислам дека и повеќе нетреба да се зборува, вели Панајотов.
Тој додава дека на Свечената академија на Советот на Општина Штип на 19-ти декември ќе бидат доделени и признанија Свети Никола на Александар Патриклиски сопственик на фирмата „ЕАМ“, Ѓорѓи Самандов сопственик на оранжериите „Еко Оаза Самандов“ и на индивидуалниот земјоделски производител Трајче Станков од штипското село Драгоево.
Досега орден Свети Никола имаат добиено поглаварот на МПЦ ОА, г.г Стефан, митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион, кардиологот Сашко Кедев, неврохиругот Методија Чепреганов, Срџан Керим и годинава премиерот Никола Груевски.
Панајотов посочи дека се очекува Министерството за култура на празникот Свети Никола да го отвори и Музејот на ВМРО во штипско Ново село. Во овој Музеј покрај восочни фигури на истакнати историски личности од Ново село ќе има и документи и предмети.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа