Владата превзема уште еден сериозен чекор кон зацврстување на економскиот раст

 

Во последниве неколку години Македонија постигна значителен напредок во креирањето на поволната бизнис клима, а со усвојувањето на Стратегијата за претприемачко учење 2014-2020 Владата превзема уште еден сериозен чекор кон зацврстување на економскиот раст.

Стратегијата беше промовирана денес во МАНУ. Истата предвидува конкретни активности со кои на долг рок ќе се зголеми бројот на мали и средни претпријатија со висока способност за конкурирање на поширокиот пазар на ЕУ, ќе се зголеми бројот на новоотворени претпријатија и на нови иновативни компании со регистрирани патенти што имаат висока стапка на комерцијализација, а последователно ќе се намали и стапката на невработеноста.

Претседателот Ѓорге Иванов, кој присуствуваше на денешната промоција на Стратегијата, истакна дека претприемничкото учење е камен-темелник за одржлив економски раст и развој и за отворање нови работни места.

-Оваа стратегија не ќе беше можна без посветената работа на бројни експерти од Македонија и од странство, кои се здружија со релевантните дежавни и научни институции и странски партнери. На сите вклучени им честитам на посветената работа и им благодарам за документот кој го подготвија. Како претседател на Република Македонија горд сум што и мојот Кабинет беше активно вклучен во овој проект. Во изготвувањето на стратегијата се угледувавме на поискусните од нас. Бевме изненадени што и многу поразвиени и економски помоќни европски држави немаат стратегии за претприемачко учење. Верувам дека Р.Македонија навремено тргна по вистинскиот пат што несомнено ќе донесе корист за нашата економија и за општеството во целина. Сега, кога ја имаме стратегијата следува најважниот сегмент, а тоа е нејзиното спроведување. Со максимално залагање на меѓуресорската група за претприемачко учење, но и на сите засегнати институции, ќе бидат доследно исполнети целите на стратегијата, рече Иванов.

Заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, посочи дека Стратегијата е изработена во корелација со веќе постоечки документи и иницијативи на Владата и други институции од земјава и од Европската Унија и ќе овозможи кохерентен пристап во понатамошното дејствување на ова поле.

-Да се изгради претприемачки свесно општество или средина каде што постои јасно разбирање  на вистинско значење и важност на претприемачкото учење, бара сериозни заложби од креаторите на политиките, од образовните институции, од бизнис заедницата и од невладините организации. Во таа насока, МОН ќе биде координатор на меѓуресорската група за претприемачко учење чија главна улога ќе биде да се осигури дека постои ефективна и добро управувана средина која ги пополнува разликите меѓу различните засегнати страни, преку создавање силни синергии и услови за соработка меѓу нив, истакна Ристовски.

Крајната цел, посочи Ристовски, е да се зголеми самодовербата за претприемачки потфати на сите граѓани, при што ќе се оспособат за целосна ефективна улога во идниот развој на економијата и заедницата.

 

 

Оцени ја веста

15.12.2014 - 15:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега