Новогодишна магија - почна изборот за најубаво украсени објекти во Битола
Општина Битола го заврши најголемиот дел од украсувањето на градот во централното подрачје, влезовите и други јавни површини, а од денеска ја почна и акцијата за избор и наградување на најубаво украсените приватни и јавни објекти.
Од секторот за односи со јавност информираат дека пријавувањето и мониторингот ќе се вршат до 29 декември, а потоа посебна комисија ќе ги оцени и награди најдобрите.
- Битолчани секоја година покажуваат извонредна креативна моќ при украсувањето на своите куќи, дворови, балкони, прозорци, но исто така и јавните институции се верни на традицијата. Фотографиите од украсените објекти ги очекуваме до 29 декември, а потоа на посебен настан, градоначалникот Владимир Талески ќе додели награди за најдобро украсени куќи и дворови, станбени згради и балкони, како и награди за новогодоишно украсени институции и угостителски објекти, истакна Цветанка Ристевска, советник за односи со јавност.
Според статистичките показатели на локалната самоуправа, во изминатите години најголем дел од граѓаните и институциите самоиницијативно учествувале во изборот на најубаво новогодишно-божиќно украсување, но не е мал бројот и на лица кои препорачале украсени објекти на кои им се воодушевуваат битолчани и гости во овој град.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа