Гевгелија со богата новогодишна програма
Општина Гевгелија во соработка со културно уметничките друштва, градскиот хор и училишните драмски секции, им подготвува богата културна програма на своите граѓани, која ќе изобилува со концерти и претстави посветени на Новата година и Дедо Мраз.
Според најавата, реализацијата на програмата ќе почне на 22-ри месецов со еднонеделното прикажување на новогодишната претстава за најмладите гевгеличани.
Новогодишната концертна серија на 25 декември ќе ја отворат учениците од основното музичко училиште „Васо Карајанов“ со традиционалниот концерт на кој ги презентираат стекнатите знаења пред своите родители и љубителите на класичната музика. Наредниот ден на сцената ќе стапат младите актери од драмската секција на гевгелиската гимназија со претставата „Талент шоу“ и со свое видување на популарната емисија „Твоето лице звучи познато“.
Репрезентативниот градски хор „Гортинија“ успешната година ќе ја заокружи со концерт за своите сограѓани на 27 декември, а новогодишната концертна серија ќе заврши со настапот на фолклорниот ансамбл „Бојмија“ од Гевгелија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа