Охрид ќе блесне - хотелите речиси распродадени за Новогодишните празници

 

Охридските хотелски сместувачки објекти очекуваат солидна посетеност за престојните новогодишни празници. Според веќе направените резервации и закупени аранжамни, најбројни и оваа година ќе бидат гостите од соседните држави Бугарија, Србија, Црна Гора, како и од некои подалечни земји од Европа, додека и натаму мал интересот на домашните гости за охридската новогодишна понуда.

Хотелите на охридската ривиера нудат новогодишни аранжмани во времетраење од два до пет дена, а цената зависи од категоријата, како и од времетраењето на престојот во Охрид. Најевтините дводневни аранжмани чинат од 90 евра со вклучена свечена вечера за новогодишната ноќ до околу 200 евра за продолжениот петдневен престој во Охрид.

Некои од сместувачките објекти веќе се целосно распродадени на тур-операторите, се чуваат мал број соби за домашните гости и има место само уште за пречек на Новата година за локалното население.

Хотелите „Метропол“ и „Белви“ се речиси пополнети, со гости претежно од Бугарија и Србија, а се уште има место во хотелот „Метропол“. Тридневните аранжмани во двата хотели чинат чинат 147 евра, а четирдневните 177 евра од лице.

Капацитетите на хотелот „Инекс“ се исто така речиси целосно пополнети, а се нудат три, четири и петдневни аранжмани по цена од 145, 165 и 185 евра соодветно.

Привршуваат подготовките за новогодишните празници и во хотелот „Силекс“ чии капацитети се распродадени уште на почетокот на овој месец.

- Оваа година наши гости ќе се туристи од Бугарија, Полска и помал број домашни гости. Имаше интерес за нашите аранжмани и во Црна Гора, но бидејќи не беше навремено резервирано нема да имаме гости оттаму, изјави директорот на „Силекс“ Тоше Чочороски. Инаку, цената на дводневните аранжмани во „Силекс“ изнесува 119, а на тридневните 145 евра.

Љупчо Цветаноски рече дека во двата објекти „Климетица“ досега се продадени околу 70 отсто од капацитетите, каде тридневни аранжмани се нудат по цена од 110 евра со вклучен пречек на Новата година. Само за пречекот на Новата 2015 година гостите ќе треба да издвојат 1.800 денари, за свечена вечера и неограничен пијалок. Цветаноски додаде дека најбројни се гостите од Бугарија, Србија и Црна Гора.

Кај охридските ресторани нема големи разлики во понудата и цените во споредба со минатата година. И за овие празници тие нудат добра забава со богато новогодишно мени и цени меѓу 25 и 45 евра зависно понудата.

Љупчо Патчев, сопственик на рестораните „Далга“ и „Чун“ рече дека свечената вечера со неограничен пијалок во двата објекти чини 45 евра, а засега најголем интерес пројавиле гости од соседна Србија.

Слична е и понудата во ресторанот „Света Софија“, каде свечена новогодишна вечера со аперитив чини 35 евра. Сопственикот Димитар Пендов рече дека засега се резервирани околу 80 проценти од капацитетот на ресторанот, со гости од Бугарија и Србија.

Охрид со неспорните културно-историски знаменитости и потврдената добра забава отсекогаш важел за атрактивна регионална дестинација за новогодишните празници. Имајќи ги предвид досегашниот интерес за новогодишната понуда и „балканскиот менталитет“ во последен миг да се решава за тоа каде да се мине „најлудата ноќ“, охриѓани очекуваат и овојпат градот да биде полн за дочекот на Новата 2015 година. 

МИА

 

 

Оцени ја веста

12.12.2014 - 14:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега