Јанакиески: Македонија е крстопат на Балканот со нова подобрена инфраструктура

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески учествува во меѓународната конференција „Патишта на свилата: инспирации и можности", која се одржува денес во Истанбул, Турција.
Министерот Јанакиески пред учесниците на конференцијата се обрати на отворањето на првата сесија, претставувајќи ги актуелните инфраструктурни и транспортни проекти кои се реализираат во Република Македонија во патниот сообраќај и железницата. Во своето обраќање, министерот за транспорт и врски ја поздрави иницијативата за воспоставување на новиот пат на свилата, како сет от транспортни коридори кои целат кон обединување на евроазиската инфраструктура и олеснување на пристапот и транспортот.
-Македонија, со својата географска позиција отсекогаш била стратешка точка за транспорт на Балканот, од причина што се наоѓа на крстопатот на многу рути кои водат од Европа до Азија и Блискиот Исток. Во моментот ние сме посветени и фокусирани на изградбата на нови автопати, нови железнички пруги и модернизација на старите, долж паневропските коридори кои поминуваат низ нашата земја, рече пред присутните министерот Јанакиески, додавајќи: -Овие важни проекти ги имплементираме во соработка со најголемите меѓународни финансиски институции, како што се Светската банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, како и Експорт-импорт банката на Кина.
На крајот на своето обраќање, министерот Јанакиески истакна: „Македонија длабоко ја цени добрата регионална поврзаност и решенијата за добра регионална мрежа. Како крстопат на Балканот, повикувам еден крак од новиот „Пат на свилата" да поминува низ Македонија, потпирајќи се на новата и подобрена инфраструктура. Ги повикувам сите држави чии претставници се денес овде, особено оние во регионот на југоисточна Европа да соработуваат на сите нивоа, имплементирајќи проекти кои се од корист за нашите граѓани и кои ќе овозможат подобар економски развој и подобра поврзаност. "
На меѓународната конференција Патишта на свилата: инспирации и можности" се предвидени обраќања и на претставници од повеќе држави, меѓу кои Турција, Србија, Црна Гора, Албанија, Хрватска, Азербејџан, Кина, Шпанија и Пакистан, како и претставници на различни меѓународни научни, политички и економски институции, меѓу кои и Советот за развој и истражувања на Кина, Центарот за стратешки студии, Фондацијата за политички, економски и социјални истражувања и Универзитетот Кембриџ.
„Патот на свилата" е историска мрежа на меѓусебно поврзани рути во Евроазаија, преку кои се одвивал транспортот на стока од работ на Азија до центарот на Европа во период од речиси 3.000 години.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









