Соработката меѓу Македонија и ЕП ќе продолжи со силно темпо

 

Соработката помеѓу Република Македонија и Европскиот Парламент, како и досега ќе продолжи со силно темпо и динамика, и со заеднички пристап и поддршка во понатамошното подобрување на состојбите и реализација на реформите во секоја општествена сфера, констатирале на денешната средба во Скопје, вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими и новиот известувач за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл.

Како што соопшти прес-службата на СЕП, на средбата Бесими се заблагодари за поддршката која Македонија ја добива во континуитет од ЕП на реформите и европската агенда, како и за поддршката на процесот за отпочнување на преговори за членство во ЕУ.

- Вицепремиерот Бесими истакна дека Евро-атлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја, а Владата и понатаму продолжува со силни напори да ги спроведува потребните реформи и мерки за понатамошно правно и институционално приближување кон Европската Унија, се вели во соопштението.

Исто така, на состанокот се дискутираше и за Акцискиот план изготвен врз основа на препораките на Европската Комисија и за приоритетите кои се клучни во процесот на пристапување во ЕУ, утврдени со Пристапниот дијалог на високо ниво, како што се: слободата на изразување и медиумите, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација, добрососедските односи, регионалната соработка и зголемување на економскиот раст и вработувањето.

Европратеникот Вајгл ја истакна својата подготвеност за овозможување на понатамошен придонес за поддршка на соработката и за реформските процеси во нашата земја, од аспект на неговиот личен ангажман и од аспект на Европскиот парламент.

- Истовремено известувачот за Македонија во Европскиот парламент ја подвлече неопходноста за изнаоѓање решение во врска со бојкотот на Собранието од страна на опозицијата, како и сериозноста на прашањата врзани за медиумите, граѓанското општество и владеењето на правото. Тој изрази надеж дека конечното пристапување на Република Македонија позитивно ќе влијае за развој на државата и регионот, се вели во соопштението.

 

 

Оцени ја веста

05.12.2014 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега