Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за изградбата на патот Охрид-Пештани

 

Преку Програмата за национални патишта за која што дадовме силна поддршка како пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, се обезбедија средства за проекти во патната инфраструктура која што ќе ги подобри и осовремени патиштата низ државата, истакна на денешната прес-конференција, Сашо Василевски, пратеник ВМРО - ДПМНЕ.

Дел од средствата обезбедени за реализација на оваа Програма, подвлече,се однесуваат на изградба и реконструкција на повеќе делници, но денеска се задржа на изградбата на патниот правец Охрид-Пештани на ниво на експресен пат кој веќе се наоѓа во собраниска процедура односно го помина првото читање на 24-тата седница на Собранието на Република Македонија.

- Изградбата на новиот експресен пат од Охрид до Пештани, кој што е и повеќе од потребен, ќе се протега во должина од 15 километри  и ширина од 11,4 метри ќе се гради паралелно со постојниот пат покрај брегот на Охридското езеро. Дополнително, во понатамошниот период се предвидува и меѓусебно поврзување на овој експресен пат со попречните локални патишта, појасни Василевски.

Изградбата на оваа делница на ниво на експресен пат, смета тој, значително ќе придонесе за олеснување на протокот на сообраќај низ населените места особено во летниот период од годината, но и за исполнување на барањата и потребите на граѓаните од овој предел за зголемување на безбедноста и сигурноста на учесниците во сообраќајот во иднина.

Според Василевски, реализацијата на проектот за изградба на експресен пат Охрид-Пештани значително ќе придонесе и за поквалитетна туристичка понуда, како и за поголема достапност на туристичките знаменитости кои што Република Македонија ги нуди во охридскиот регион.

Охрид и охридскиот регион, потсети, со проектите предвидени во патната инфраструктура ќе добие и автопатско решение, Кичево - Охрид, кој што веќе е во изградба.

- Сите овие крупни инвестиции и зафати кои што се прават во патната инфраструктура во овој регион, освен што ќе помогнат за равој на туризмот како најзначајна гранка, ќе обезбедат и забрзан економски развој, како и поголема и посигурна комуникација на граѓаните од овој регион со останатите делови од Република Македонија. Ова се проекти во патната инфрастурктура какви што Охрид и охридскиот регион не паметат децении наназад, појасни пратеникот Василевски. 

Во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Василевски ја поздрави силната заложба на Владата на Република Македонија и најави оти како пратеници во Собранието на Република Македонија и понатаму ќе се залагаат максимално да ги застапуваат потребите и барањата на граѓаните кои што ги добиваме при секојдневната комуникација со нив. 

 

 

Оцени ја веста

04.12.2014 - 14:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега