Исмајлоска: Навредата од Реисот нема да направи да престанат да постојат илјадници Македонци

 

Нола Исмајлоска, пратеник во Собранието на Република Македонија, која по потекло е од струшко, е првата Македонка муслиманка пратеник, една од оние, кои жестоко реагираше на нападите на првиот човек на ИВЗ врз Македонците муслимани. Навредена сум што некој го негира моето постоење, но тоа нема да направи да престанам да постојам, нити, пак, илјадници други Македонци ќе престанат да постојат, вели таа во интервју за МИА.

Дадовте повеќе изјави во изминатите десетина дена предизвикани од колумната на реисот Сулејман Реџепи за Македонците муслимани. Изјавивте дека сте навредени и заедно со вашите колеги од Парламентот исто така Македонци муслимани побаравте извинување од реисот. Се чини дека реисот, а како негов прв човек, и ИВЗ направи обид да се одалечи од дел од своите верници. Имаше ли некаква реакција од страна на ИВЗ или реисот лично во изминатите денови по вашите изјави? 

- Човек може да згреши, но ако ја согледа својата грешка да се извини. Со оглед на тоа што реисот Реџепи се уште го нема, можеби тој е убеден во политички обоените невистини кои ги искажа во својата колумна. Да, навредена сум што некој го негира моето постоење, но тоа нема да направи да престанам да постојам, нити, пак, илјадници други Македонци ќе престанат да постојат.

Не можам да разберам како муслимани може да има во секоја земја освен во мојата, па на тоа се и да требало да се срамам (и да се срамат оние кои се Македонци). Или за туѓи задкулисни игри треба да наведнам глава. Не. Ова ме охрабрува, зашто ја имам поддршката од многу луѓе кои го признаваат правото на национална припадност без разлика на мојата религија.

Пратеничката функција ја извршувате повеќе од шест месеци и ова е Ваш прв мандат. Во Собранието сте во мошне специфичен период поради неприсуството на опозицијата. Се исполнија ли очекувањата кои ги имавте? 

- Сметам дека Собранието во моментов е фунцкионално и покрај туѓите заложби да биде преставено поинаку. Тоа и го очекував. На ова допринесува посветеноста на работата на претседателот на Собранието Вељаноски, но и на координаторот на пратеничката група на ВМРО - ДПМНЕ Илија Димовски. Неговиот пристап е непосреден, отворен за предлози и иницијативи. Секако огромен удел во функционалноста има посветеноста на сите колеги, на самото раководство на партијата, но и на довербата на народот.

Непосредноста која ја практикуваме е од голема помош да може преку своите функции да им излеземе во пресрет на нашите граѓани. Моите очекувања беа повеќе насочени кон желбата да допринесам за подобро утре во Република Македонија, и сметам дека тоа е доволен мотив за работа. Би сакала опозицијата да пристапи сериозно кон собраниските клупи. Убедена сум дека тоа ќе додаде нова енергија во функционалноста на законодавниот дом и дека ќе ни овозможи конструктивност и разноликост.

Граѓаните се во очекување на нови закони кои се од особен интерес, како оној за безбедност во сообраќајот иако се уште не е во собраниска процедура. Доволно ли е учеството или влијанието на пратениците во креирањето на новите легислативи?   

- Тоа што има некакви очекувања зборува за транспарентноста во нашата работа. Сметам дека имаме влијание со свои идеи, конструктивни забелешки и предлози да допринесеме за подобри законски решенија. Некои од законските решенија се изнесуваат и на јавни расправи (како на пр. законот за семејно насилстви) каде не само ние туку и пошироката јавност може да влијае во оформувањето на конечната верзија. Учеството во креирањето нови легислативи е на солидно ниво и се обидуваме да напредуваме уште повеќе на тоа поле.

Доаѓате од струшко, регион со свои специфики и потреби. Колку често сте на терен и кои се потребите на граѓаните од тој регион?

- Овие шест месеци сум почесто во Струга отколку во последните шест години. На овој одговор знам дека моите родители горко ќе се насмевнат свесни дека и покрај тоа ретко ме гледаат. Се обидувам да бидам колку можам повеќе меѓу народот. Пратеничката канцеларија работи секој ден па луѓето таму ги претставуваат своите идеи, проблеми, проекти и се  што е за нив релеватно. Тоа е од голема помош за присуство меѓу стружани и кога физички не сум таму.

Најголемата потреба секако се новите вработувања и отпочнатите работи на ТИРЗ Струга ја враќаат надежта меѓу народот. Моја Струга заслужува потребите од општо добро да и бидат задоволени. Чиста, туристичка, на светски културен пиедестал, со спортски дух, со младински ентузијазам, со задоволни возрасни, со среќни лица што станува она кое сите кои ја сакаме знаеме дека може да биде.

На професионален план што би Ви причинило особено задоволство, како пратеник, но и како млада жена, прва меѓу Македонките муслиманки на оваа позиција? 

- Самиот податок дека сум прва ми ласка и ме прави горда. Довербата која ја добив да го претставувам народот ми е поттик да бидам издржлива во предизвиците кои политиката ги носи. Можеби на почетокот тоа што сум жена ги плашело некои луѓе, мислејќи дека ќе бидам попустлива. Напротив, борбена сум и подготвена да се носам со политиката. Лично, најголемо задоволство ми претставува партиската поддршка на иницијативата за вложување во изградба на млади кадри.

Последниот ден на август организирав еднодневна Академија за јавно говорење. Учествуваа 25 Македонци муслимани кои немале доволно шанси за вакви искуства, или им недостигала поддршка за активизам. Во средината на декември го планирам вториот дел кој ќе биде насочен на можности и фондови во Република Македонија и во Европа. Учество ќе земат 50-60 млади луѓе. За една година меѓу овие учесници сакам да видам млади со цврсти и јасни ставови, креативни, спремни за вложување во себеси, во своето село, град и секако татковина. Морам да додадам дека прекрасно е да се видат задоволни лица на луѓето поради кои ова го работам, оние кои ми ја дадоа шансата тоа да го правам и оние кои ги претставувам. Во православните средини ме знаат од средношколка, вљубена во идејата за заедништво меѓу Македонскиот народ без разлика на религијата. Сите заедно работиме на тоа. Со проекти, со вработувања, со дружење, со заедничко создавање.

Лабуништа, Октиси, Погорци, Боровец, се вратија на струшката карта на места каде што се вложува. Поддршката која секојдневно се зголемува од овие места е мојот компас. Ме води и во тешки моменти. Сега и тие ме гледаат како своја. И сум нивна. И на цела Струга. Ова е остварување на мојот сон. Се почесто во контакт сум и со други националности. Јас сум на народот. Затоа што тоа е функцијата пратеник за мене и за партијата која ја претставувам.

Извор: МИА 

 

 

Оцени ја веста

28.11.2014 - 17:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега