Македонски доктори на едукација во Франција
Доктори од Република Македонија од областа на гастроентерохепатологија, дигестивна хирургија, анестезиологија и патологија ќе заминат на повеќемесечна едукација во реномираниот Универзитетски клинички центар во Лион, Франција.
Станува збор за едукација фокусирана на трансплантација на црн дроб, која е договорена на денешната средба на министерот за здравство Никола Тодоров, со проф. Оливие Бојлд, докажан експерт во областа на трансплантација на црн дроб, и проф. Лионел Бадет, директор на хируршкиот оддел во Клиничкиот центар во Лион.
На денешната средба е договорена и едукација во оваа здравствена установа на македонски доктори од повеќе хируршки области, со цел проширување на знаењата, вештините и искуствата на докторите и нивна примена во македонскиот здравствен систем.
Универзитетскиот клинички центар во Лион се вбројува меѓу најголемите универзитетски болнички мрежи во Франција. Во оваа здравствена установа работат околу 5 илјади доктори, една од клучните области на кои е фокусирана клиничката практика е токму трансплантацијата, каде се вршат околу 380 трансплантации на органи годишно.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа