ВМРО-ДПМНЕ посветени на граѓаните: Поддршка за најкрупниот проект во железничката инфраструктура
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Репбулика Македонија ќе ја даде својата поддршка за изградба на најкрупниот и долгоочекуваниот проект во железничката инфраструктура во последните неколку децении и веќе се наоѓа во собраниска процедура, а тоа е изградбата на пругата Бељаковце - Крива Паланка со кое се прави железничко поврзување помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Во продолжение Интегрален текст.
Пругата од Бељаковце до Крива Паланка е дел од Коридорот VIII, коридор кој е еден од десетте Пан-европски коридори кој ги поврзува Јадранското и Црното Море.
Имено, делот од Коридор VIII кој поминува низ територијата на Република Македонија е во должина од 313 км и се состои од источен, централен и западен дел. Источниот дел од Коридор VIII води до границата со Република Бугарија за кој што се обезбедени средства и е веќе започнат, е составен од три делници.
Делница 1: Постоечка линија Куманово - Бељаковце, на која што веќе се одвиваат градежни зафати за нејзина ревитализација;
Делница 2: Бељаковце - Крива Паланка и
Делница 3: Крива Паланка - Деве Баир, граница со Република Бугарија.
Со средствата обезбедени за проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце - Крива Паланка - источен дел железничката пруга на Коридор VIII“ во наредниот период треба да започне реализацијата на овој крупен зафат.
Со проектот се предвидува изградба на железничка пруга на Коридор VIII на делницата Бељаковце - Крива Паланка, вклучувајќи и реконструкција на постоечките делови од линијата, во вкупна должина од 34 км. Со изградбата на оваа делница ќе заврши втората фаза за поврзување на пругата кон Република Бугарија, со што ќе се создадат поволни услови за насочување на економијата кон меѓународниот глобален пазар, поттикнување на нови инвестиции, зголемување на бруто домашниот производ, зголемување на трговската размена, како и подобрување на приодот и поврзување со соседните земји во функција на подобрување на конкурентноста и развојот на економијата и комуникацијата со европските земји.
Покрај меѓународното и националното значење за Република Македонија на овој голем проект, придобивки ќе имаат и граѓаните од населените места по должината на Коридорот VIII, преку кој се овозможува поголема поврзаност со останатите населени места, но и се нуди алтернативен и поевтин железнички превоз за граѓаните, како во границите на Република Македонија така и надвор од неа.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и досега покажа дека силно ги поддржува проектите кои се предвидени за подобрување на квалитетот на железничкиот сообраќај во Република Македонија.
Како пратеници од редовите на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ неодамна ја поддржавме набавката на нови товарни и патнички гарнитури, како и целосната реконструкција на Железничката станица во Скопје, надополнета со проектот за рехабилитација, надградба и реконструкција на 10 железничките станици по должината на Коридорот 10.
Ние и понатаму ќе продолжиме да ги поддржуваме политиките за изградба на нови и ревитализација и реконструкција на веќе постоечки железнички пруги, кои имаат силно влијание за побрз економски развој на државата, но и допринесуваат за поквалитетен и побезбеден превоз на граѓаните.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа