Тодоров во посета на Франција
Министерот за здравство Никола Тодоров од денеска престојува во тридневна работна посета на Франција, со цел промовирање и афирмирање на концептот слободни здравствени зони, како и зајакнување на соработката со повеќе врвни медицински центри во државата.
Како што соопшти Министерството, во рамки на престојот, предвидена е посета на клиничките центри во Тулуз и Лион, како и болниците Сент Џозеф, Амбросе Паре и Д’Ентони во Париз.
На средбите со раководството на медицинските центри ќе се разгледаат можностите за развој на меѓуболничка соработка, спроведување програми за едукација на здравствени работници од Република Македонија во овие центри, како и можноста за престој на доктори од овие установи во Македонија, во насока на воведување нови методи, особено во областа на трансплантација, анестезиологија, урологија и други. За таа цел, предвидена е средба со проф. Оливие Бојл од Клиничкиот центар во Лион, еминентен професор од областа на дигестивна хирургија и трансплантација.
Воедно, во текот на престојот предвидена е средба со директорот на интернационалната групација EGIS International, со цел презентирање на концептот за слободни здравствени зони и можностите за инвестирање.
EGIS International е групација специјализирана за градежништво и проектирање, со претставништва во повеќе од 100 земји во светот и околу 12.000 вработени, од кои голем дел работат на проектирање и реконструирање на здравствени установи.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа