Изградбата на нова патна инфраструктура за поголема безбедност во сообраќајот

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја дава својата безрезервна поддршка за изградба на нова и реконструкција на постоечката патна инфраструктура низ територијата на Република Македонија, истакна денеска пратеничката Ане Лашкоска.

Интегрален текст од прес-конференцијата на Ане Лашкоска, пратеник во Собранието

Предвидената програма за национални патишта која произлегува од барањата, потребите и интересите на граѓаните во себе содржи проекти од патната инфраструктура кои значително ќе го подобрат квалитетот на патната инфраструктура во Република Македонија.

Обезбедените средства со Програмата за национални патишта се предвидени за изградба и реконструкција на повеќе делници низ целата територија на Република Македонија.

Имено, како пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кој што доаѓа од Прилепскиот регион, би се задржала на проектот за изградба патниот правец на ниво на експресен пат, од мостот на р. Раец до клучката Дреново кој што веќе е влезен во собраниска процедура и ќе ја добие поддршката од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Овој експресен пат, ќе започнува веднаш по кракот на магистралниот пат Прилеп - Градско, кој се одвојува од левата страна кон Општина Кавадарци. Експресниот пат од р. Раец до Дреново (Градско) претставува дел од патот Градско - Прилеп. Делницата Раец - Дреново ќе биде во должина од 10,2 км односно 5 км со ширина од 12,4 метри, 4 км со ширина од 17 метри и последните 1,2 км кај клучката Дреново ќе бидат со ширина од 25,4 метри. 

Битно е да се нагласи дека токму овој дел од патот од Градско до Прилеп претставуваше една од најопасните црни точки кои што со овој проект ќе биде минато и ќе се обезбеди поголема сигурност и безбедност во сообраќајот.

Изградбата на овој патен правец за граѓаните од овие општини ќе допринесе за осовременување на патната мрежа во овој регион, како и за зголемена безбедност, но и за подобра патна поврзаност помеѓу овие општини, како и за оние граѓани кои патуваат за Општина Битола и останатите општини од Пелагонискиот регион и ја поминуваат оваа делница. Покрај придобивките од реализацијата на овој проект за граѓаните од овој регион, овој патен правец ќе има огромно значење и за економскиот развој на општините поединчно, како и за зголемен развој на земјоделството, туризмот и индустријата.

Патниот правец од мостот на реката Раец до Дреново ќе се гради според сите најмодерни безбедносни и сообраќајни стандарди кои се предвидени за изградба на пат од ваков тип, односно на овој експресен пат ќе бидат изградени четири ленти, по две во секој правец.

Дополнително, со средствата кои што се обезбедени за овој експресен пат се предвидуваат и консултантски услуги за План за управување со биолошка разновидност, како и План за управување со заштита/одржување на биолошката разновидност од изградба на овој патен правец.

Освен средствата обезбедени за патниот правец Раец - Дреново, обезбедени се средства и за експресниот пат Штип - Кочани, Охрид - Пештани, како и за изградба на автопат Струга - Требеништа.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ заедно со Владата на Република Македонија и понатаму ќе продолжи да ги спроведува проектите кои што се составен дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ од последните парламентарни избори, во која се предвидени крупни инвестиции и зафати во патната инфраструктура низ целата територија на Република Македонија како што досега никогаш немало.

 

 

Оцени ја веста

23.11.2014 - 14:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега