Реисот Сулејман Реџепи: Македонците- муслимани се сатански продукт
„Раѓањето на ин витро нацијата" е насловот на последниот авторки текст на Сулејман Реџепи, поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија во која тој вели дека Македонците-муслимани се ин витро нација, сатански продукт измислен од сатанските активности.
Реџепи во текстот објавен во Лајм пишува дека владеачката партија ова го прави за да создаде нација на антички луѓе за да останат на власт. Тезата на поглаварот на ИВЗ е дека за претопувањето на Торбешите во Македонци-муслимани е ангажирана цела партија, која за тоа дури имала и посебен штаб кој работел во рамките на Министерството за финансии.
Според Реџепи освен јазикот, ништо друго заедничко немаат припадниците на торбешката заедница „со славомакедонците или со античките Македонци!“ Тој вели дека кај Торбешите често во посета одат „мисионери вмровци“ со цел да ги убедат да се изјаснуваат поинаку отколку што се чувствуваат. За таа цел, тие нудат работа во администрацијата во замена за нивниот идентитет „Македонци-муслимани“, пишува Реџепи.
Ваквите ставови на реисот вчера остро ги осуди Исмаил Бојда, претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија. Тој предупредува дека целта на ваквите тврдења, како и на оние што се појавуваа и порано, е да се расцепи македонската заедница.
- Сето тоа е само една смислена стратегија на ИВЗ со која се сака Македонците-муслимани да се одвојат од своето национално македонско ткиво. Се плашам дека реисот, кој е на чело на верската заедница што се грижи за верскиот живот на муслиманите во земјава, ќе даде налог до своите имами да почнат да држат проповеди дека не постојат Македонци-муслимани, туку само Торбеши. Еден духовник не може така да настапува кога е во прашање нечие национално чувство - потенцира Бојда за ДНЕВНИК.
Тој го прашува реисот Реџепи како може да го признава постоењето, на пример, на Албанци-муслимани, католици, православни, а не може да сфати дека постојат и Македонци со исламска религија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа