Потпишан договор за социјална сигурност помеѓу Македонија и Унгарија

 

Договор за социјално осигурување и социјална сигурност помеѓу Македонија и Унгарија потпишаа денеска македонскиот министер за труд и социјална политика Диме Спасов и унгарскиот министер за човечки ресурси Золтан Балог. 

Со договорот, што е потпишан во тек на престојот на министерот Спасов во Унгарија, ќе се регулираат односите во областа на социјалното осигурување меѓу двете држави и остварувањето на правата од осигурување за граѓаните на овие две држави и членовите на нивните семејства.

- Договорот спаѓа во редот на таканаречените „отворени договори”, односно современи европски договори со оглед на тоа што се однесува на лица, а не на државјани на двете договорни страни. Договорот содржи одредби за права од пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување, осигурување во случај на повреда на работа и професионална болест, избегнување на двојно плаќање на социјалните придонеси и др, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП). 

Преку примената на Договорот за социјално осигурување и социјална сигурност,  појаснува МТСП, ќе се овозможи усогласување на националните законодавства, еднаков третман на лицата на кои се применува договорот, здравствена заштита, давања во случај на болест, парични давања за привремена спреченост од работа и мајчинство, упатување на лекување во другата држава договорничка, собирање на периодите на осигурување за исполнување на условите за право на парични давања (пензии и надоместоци), одредби за давања во натура и др. 

За разлика од Конвенцијата за уредување на прашањата од социјалното осигурување склучена во 1957 година преземена со Уставниот закон на Република Македонија, со која пресметувањето на пензијата се уредува само како „сразмерен дел“, без оглед дали лицето исполнува услови за самостојна пензија, новиот договор, според соопштението, овозможува право на остварување самостојна пензија или сразмерен дел на пензија, во зависност од условите коишто ги исполнува лицето. Досега, тоа не беше случај и без оглед дали лицето ги исполнува условите за пензија во едната држава договорничка, му се намалуваше износот на пензијата. 

Со текстот на Договорот се уредени одредби со кои се обезбедуваат работодавачите и работниците кои подлежат на законодавството на Република Македонија или Унгарија да не се должни да плаќаат двојно осигурување според законодавството на двете држави по однос на истата работа што ја врши работникот. 
Унгарија е 20 држава со која Македонија има склучено договор за социјално осигурување. Таков договор е склучен и  со Австрија, Швајцарија, Германија, Чешка, Полска, Луксембург, Белгија, Холандија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Турција, Црна Гора, Австралија, Канада, Република Италија.

 

 

Оцени ја веста

20.11.2014 - 17:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега