Котески - Де Русиер: Македонија дава континуиран придонес во изградбата на концептот на европската одбрана
Достигнатиот степен на интероперативност на АРМ во однос на поддршката и изградбата на европската безбедносна и одбранбена политика и придонесот во изградбата на концептот на европската одбрана, како и утврдувањето на областите за идна соработка, беа тема на денешната средба во Скопје на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески и претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, генерал Патрик де Русиер.
- Република Македонија дава исклучителен придонес во изградбата на концептот на европската одбрана. Учествуваме во Борбените групи на Унијата и заедно со Германија, Шпанија, Холандија и Белгија во втората половина од годинава сме партиципанти на Борбените групи кои се одговорни за изведување одредени мировни операции во Европа. Исто така, конкретен придонес даваме и со нашето учество во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, изјави генерал Котески по средбата.
Тој посочи дека на средбата се согласиле во понатамошната работа на Воениот комитет на ЕУ учество да земат и началниците на земјите кои се уште не се кандидати за членство во Унијата, како и да учествуваат на вежби предводени од земјите-членки на ЕУ во третирањето на одредени поблеми на кризниот менаџмент во Европа.
- Очекувам оваа посета да даде импулс на нашата соработка со Европската унија, поголем придонес на АРМ, како и релевантно да биде оценет и прифатен од ЕУ досегашниот наш учинок, рече Котески.
Претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, генерал Де Русиер рече дека на денешните и на утрешните средби со воениот и политичкиот врв ќе се разменат гледишта за тековната ситуација и иднината на, како што рече, конструктивното партнерство. Посочи дека Македонија активно учествува во регионалните иницијативи и во билатерални и регионални иницијативи во областа на одбранбената и безбедносната соработа кои имаат за цел градење на меѓусебна доверба.
- Вашиот воен персонал повеќе од осум години е заедно со нас во мисијата АЛТЕА, а обезбедува и придонес во Борбената група на Европската унија првично во втората половина од 2012 година и сега повторно во втората половина на годинава. Сето тоа ја истакнува солидарноста, односно сето она од што се состои Европската унија, а вашите вооружени сили придонесуваат кон оваа солидарност. Вашата земја конктинуирано дава придонес кон оваа цел преку градење партнерски односи и конкретна поддршка на напорите на ЕУ за одржување на регионалната стабилност и безбедност што ја докажува вашата посветеност на патот кон ЕУ, потенцира генерал Де Русиер.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа