Се зголемува бројот на хоспитализирани предвремено родени бебиња

 

Во Македонија, како и во светот, постои тренд на зголемување на бројот на хоспитализирани предвремено родени бебиња, како и поместување на старосната граница. Во државава се повеќе има бебиња родени во периодот од 24 до 28 гестациска недела, пренесува МИА.

Порастот на бројот на предвремено родени деца е последица на современиот начин на живот, поместувањето на старосната граница кај мајките и тоа што се поголем е бројот на прворотки на возраст над 35 години, како и на примената на ин витро оплодувањето, кое често резултира со близначка бременост, која е многу ризична и голем дел од овие бебиња се прематурни.

Ова денеска го истакна директорката на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова на прес-конференција на тема „Предвреме родените деца - ден потоа“ организирана по повод Светскиот ден на прематуритетот. Посочи дека најмалото новороденче на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести е комплетно истретирано, излекувано и е со уреден психомоторен развој, што значи здраво дете на возраст од 25 гестациска недела, со родилна тежина од  650 грама, а должина од 32 сантиметри. Во моментов имаат 15 до 16 предвремено родени бебиња. 

- Ако во 2013 година просечно на месечно ниво на Одделот биле згрижени 3 до 4 предвремено родени бебиња, годинава нивниот број е зголемен за 50 отсто и сега во просек има 6 до 7 предвремено родени бебиња месечно. Од овој број, 45 отсто се родени од 32 до 37 гестациска недела, 25 отсто од 28 до 32 недела, 20 отсто од 26 до 28 гестациска недела, 8 отсто од 24 до 26 недела и само 2 отсто се од 23 до 24 гестациска недела. Со предизвикот да се одржи во живот едно вакво прематурно бебе секојдневно се соочуваат вработените во Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката, рече Софијанова.

Групата на предвремено родени деца, нагласи таа, се највулнерабилната група на пациенти на одделите за интензивна нега и терапија, пред кои се наидува на најголеми предизвици не само во насока на спасување на нивниот живот, туку и овозможување квалитетен и нормален живот.

- Во последнава година и пол, со воведувањето нови методи, особено на неинвазивната (нежна) вентилација Bubble cpap, одделот може да се пофали со поголемо преживување особено во групите 26-28 гестациска недела. Оваа метода е замена за механичката вентилација во ситуации кога состојбата на бебето тоа го дозволува. Со овој неинвазивен пристап се намалуваат инфекциите, како и одредени состојби предизвикани од интубирањето и механичката вентилација. Иако Bubble C pap методот во светските неонатолошки центри се  употребува години наназад, во Македонија ние сме единствена институција која го користи и резултатите се видливи дури и за овој краток период, истакна Софијанова.

Укажа на потребата од добро гинеколошко акушерско водење на трудниците, за спречување на предвременото раѓање, но и обезбедување добра основа и кондиција на плодот ако дојде до предвремено раѓање бидејќи на тој начин се зголемуваат шансите на тоа дете не само за преживување, туку и за развивање во здрава индивидуа.

Искра Трпева, мајка на предвремено родено бебе, на прес-конференцијата истакна дека на Одделот за интензивна нега на Клиниката направиле се тоа да биде она што е денес.

- Ангела е родена во првата недела од осмиот месец. Со огромна помош и поддршка од тимот од Одделот, навистина успеавме. Имав прекрасно искуство со луѓе кои помогнаа. Ангела сега има 3 години и пет месеци, рече Трпева и му се заблагодари на персоналот на Клиниката. 

Уште две мајки на прес-конференцијата ги споделија доживувањата што ги имале во текот на третманот на нивните предвремно родени бебиња на Одделот и изразија задоволство од помошта и поддршката што ја добиле од тимот.

Доктор Лилјана Којиќ од Одделот рече дека ризик за предвремено родени бебиња се инфекција, возраста на мајката, а постојат и жени со структурни аномалии-со хормонски проблеми за забременување, со утерус кој не е квалитетен за носење на бременост, па мора да се прават интервенции...

Директорката на Клиниката, Софијанова истакна дека имаат лактариум, место каде може да се одмолзуваат мајките и да го даваат на децата. Изрази надеж дека наскоро ќе имаат и банка за мајчино млеко, што е многу актуелно во светот.

- Ќе може да имаме мајчино млеко во банка кое ќе биде секогаш достапно за децата. Непроценлива е вредноста на мајчиното млеко за растот и развојот на ваква група деца, потенцира Софијанова.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека досега над 50 отсто од тие новороденчиња се целосно здрави и Клиниката комплетно ги евалуира во однос на нивното натамошно особено невроразвојно следење.

- Од 50 до 60 отсто од нив реално остануваат без никакви последици. Во делот во однос на доцнење на нивниот психомоторен развој имаме 20 до 30 отсто, додаде Софијанова. 

 

 

Оцени ја веста

19.11.2014 - 15:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега