Бесими се сретна со норвешниот амбасадор Камсвог
Процесот на евроинтеграција на Република Македонија како и клучните постигнувања и предизвици со кои се соочува земјата нотирани во октомврискиот Извештај на ЕК во насока на надминување на предизвиците и постигнување дополнителен напредок до декемврискиот Совет на ЕУ, беа тема на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими со амбасадорот на Кралството Норвешка, Нилс Рагнар Камсвог.
Како што соопшти кабинетот на вицепремиерот, Бесими подвлече дека евроатлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја, а Владата и понатаму продолжува со силни напори да ги спроведува потребните реформи во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, подобрување на меѓуетничките односи врз принципот на меѓусебна толеранција и почит и зголемување на економскиот раст и вработувањето.
Меѓу другото, Бесими истакна дека на Норвешка гледаме како на значаен партнер со високи потенцијали за развој на билатералната соработка и јакнење на административните капацитети во процесот на приближување кон ЕУ.
Амбасадорот Камсвог истакна дека Норвешка силно се залага за проширување на ЕУ и ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија на овој пат, преку конкретни билатерални проекти за развојна и секторска соработка.
Двајцата соговорници истакнаа дека добрите билатерални односи и размената на искуства помеѓу администрацијата и останатите заинтересирани страни меѓу Република Македонија и Норвешка и понатаму ќе продолжат, исто така ќе се работи и на продлабочување на натамошната соработка во приоритетните реформски области, се вели во соопштението.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа