Попоски: Словачката поддршка на евроинетграциите значајна за Македонија
Успешниот словачки модел на трансформација е инспирација за Република Македонија за натамошно унапредување на состојбите во сите сегменти на општественото живеење, во функција на повисоки стандарди и квалитет на живеење за сите македонски граѓани. Ние сме особено благодарни за сета досегашна помош и поддршка од нашите словачки пријатели во европската обнова на Македонија.
Ова го изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој денеска во ЕУ-инфо центарот ја отвори изложбата на фотографии “Словачка: следејќи го патот на Кадифената револуција”, организирана од Амбасадата на Словачката Република во Скопје, по повод одбележувањето на јубилејот - 25 години од падот на “Железната завеса“ и од демократските промени во Централна Европа.
Шефот на македонската дипломатија истакна дека по “мирниот развод,” Словачка и Чешка постигнаа исклучителни резултати на внатрешен план, изградија демократски и економски развиени општества, на билатерален план негуваат меѓусебно партнерство и соработка, пријателство и блискост, а членството во ЕУ и НАТО им овозможува да го даваат својот ефективен придонес во унапредувањето на европската интеграција и во градењето на евроатлантската безбедносна архитектура.
- За нас од посебно значење е разбирањето на Словачка за неопходноста од проширување на Европската унија со земјите од Балканот и потребата од принципиелност и конзистентност на европските институции, со цел Македонија и останатите земји од регионот да станат дел од големото европско семејство, каде што природно припаѓаат, подвлече Попоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа