Од година во година расте процентот на семејно насилство во Македонија

 
Психолошкото насилство доминира над физичкото, а жените во Македонија се изложени на повеќе насилие за разлика од мажите. Од почетокот на годинава до септември отворени се случаи на 694 семејни насилства, од кои во 72,9 % било извршено насилие на жени, 13,9 на мажи додека 13, 1 на дечиња. 
Некои од случаите за жал завршиле и со убиство, два случаи и исто толку киднапирања. 
Ова се податоците од Министерството за труд и социјална политика, според кои ваквиот број е загрижувачко зголемен за 10,3% во споредба со лани.
 
Според МВР пак бројката е зголемена за 16,1% што се однесува на бројката на кривични дела за семејно насилство во првата половина од годината во однос на 2013, а регистрирани се 389 кривични дела сторени при семејно насилство, за разлика од лани кога биле регистрирани 335 кривични дела.
 
Бројот на поднесените поплаки во полицијата, пак, е незначително зголемен за 3,4 отсто. Најголем број од поплаките се поради психичко малтретирање на жртвата - 1.641, потоа 388 се поради физичко малтретирање и 91 поплака е поднесена поради тоа што сторителот ја малтретирал жртвата од економски побуди.
 
Од извршените 389 кривични дела, најголем број или 67 отсто се телесни повреди и 30 отсто се загрозување на сигурноста. Има и две убиства и две противправни лишувања од слобода, и по четири тешки телесни повреди и четири присилби.
 
Сторителите при извршување на кривичните дела во 95 случаи биле под дејство на алкохол, при извршување на три кривични дела сторителите користеле наркотична дрога, додека 167 дела ги сториле во состојба на психичко растројство.
 
Истражувањата направени во периодот меѓу 2009 - 2012 година говорат дека жените во огромен процент се побројни жртви на физичкото насилство споредбено со мажите, како и фактот дека мажите се јавуваат доминантно или целосно како извршители на психолошко, физичко или сексуално насилство. 
 
Најчести сторители на кривични дела, во 93 проценти од случаите се јавуваат лица од машки пол и тоа најчесто сопрузи и синови.
 
Сите институции и граѓански организации кои се занимаваат со ова прашање, се согласни дека семејното насилство не е приватен, туку проблем од општествени размери. Зголемениот број, се согласуваат, е резултат на зголемената свест на жртвите и нивното охрабрување да го пријават случајот.
 
Во насока на зајакната борба против семејното насилство донесен е системски Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, кој ќе стапи на сила од 1 јануари идната година. Законот предвидува привремените мерки за заштита од семејното насилство да ги изрекува Основен суд по предлог на Центарот за социјална работа, а предвидена е парична казна од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за непочитување на одлуката од страна на насилникот.
 
Како новина е предвидено судот да може да изрече привремена мерка за заштита врз основа на стручен наод и мислење на Центарот за социјална работа, како и врз основа на полицискиот извештај и предлогот за отстранување од домот и забрана за приближување во период од најмалку 14 дена. Изречената одлука за привремената мерка за заштита судот во рок од 6 часа од одржаното рочиште треба да ја достави до органот за прогон, кој во рок од 12 часа по приемот ја доставува до сторителот на семејното насилство. Доколку тој доброволно не го напушти домот во рок од два часа, полициските службеници ќе го отстранат.
 
18.11.2014 - 11:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега