Хрватски компании во обиколка на локациите за изградба на Градска марина во Охрид

 

Претставници на две хрватски компании што градат марини остварија средби со раководството на охридската локална самоуправа и посетија локации на Охридското Езеро каде би можело да се реализира најавениот проект за изградба на современа марина на езерото.

Гостите од Хрватска се сретнаа со градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и капетанот на Капетанијата во Охрид Горан Устијаноски на која биле презентирани начините и можностите за финансирање на Градската марина, можните локации, како и за метеоролошките услови во регионот, ветровите, силината на брановите на езерото и слично.

Исто така претставниците на компаниите од Хрватска биле информирани и за можноста за инвестирање во реконструкција и изградба на Малото пристаниште, односно биле запознаени со детали од распишаниот оглас за реконструкција и изградба на Малото пристаниште.

Градоначалникот Бакрачески ја нагласи потребата од современа Градска марина на Охридското Езеро и ја потврди цврстата заложба на Локалната самоуправа за реализација на замислениот проект.

- Она што е еден од приоритетите за збогатување на туристичката понуда во Охрид и она што е потреба и на граѓаните и на гостите кои што престојуваат во Охрид, а поседуваат пловни објекти е реализација на проектот за изградба на една Градска марина, рече тој. 

16.11.2014 - 15:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега