Седумдесетгодишнина од основањето на Народниот театар во Битола
Народниот театар во Битола е институција која претставува врвен домашен и меѓународен репрезент на вредностите на македонската култура. Од 1944 година до денес во НУ Народен театар-Битола се одржале 500 премиерни изведби, а изведени се повеќе од 12.000 претстави кои ги гледале близу пет милиони вљубеници во театарот.
Ова синоќа во Народниот театар во Битола го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на промоцијата на фотомонографијата „Нови хоризонти“, објавена по повод одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на таа национална театарска установа и изведбата на првата театарска претстава на македонски јазик во Република Македонија.
- Денешниот свечен чин има респективна културолошка референца - тој ја маркира 70-годишнината од првата одиграна претстава на македонски јазик во далечната 1944 година, кога доајените на македонското глумиште Јорго Цаца, Вера Вучкова, Мери Бошкова, Димче Стефановски и Ацо стефановски и многу други, ентузијастички творејќи во театарската група на битолската воена област најавија амбициозна намера, градот на конзулите да промовира врвен театар, рече Канческа-Милевска.
Таа посочи дека е убедена оти сцената на Битолскиот театар и во иднина ќе биде местото каде ќе се создаваат новите успеси на македонскиот театар, местото каде актерите, режисерите, творци и уметници ќе продолжат да ја испишуваат македонската театарска историја.
Фотомонографијата „Нови хоризонти“ ја промовираше режисерот Дејан Пројковски, а за големиот јубилеј на театарот во Битола говореа директорот Валентин Светозарев, режисерот Љубиша Ѓоргиевски и битолскиот градоначалник Владимир Талески.
На сцената на театарот во Битола беше изведена роденденската театарска претстава „Нови хоризонти“ во која настапија вработените во таа национална установа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа