Државата ја разбива естрадната мафија

 

Последната акција на МВР по одржувањето на Скопски фестивал 2014, во кој се приведени луѓе од шоу бизнисот под сомнение дека учествувале во измама во телефонското гласање, го најави почетокот на крајот на таканаречената домашната менаџерска мафија.

Гласините, негативните коментари и скандалите кои со години ги следат фестивалите и во кои „естрадниот криминал“ и ставија сенка на целата домашна естрада, ја „погреба“ македонската музика  и ги доведе пејачите до „питачки стап“  на сметка на лично богатење и публикување на инстант лажни ѕвезди. По последните случувања кои ја разбрануваа целата јавност  им се испраќа јасен сигнал дека „КРИМИНАЛНИОТ  македонски музички ТИТАНИК“ ќе потоне длабоко во темницата на музичките  води кои самиот ги извалка.

Желбата да се влезе во светот на познатите е голема шанса да станете „жртва“ на сивата менаџерска еминенција кои со години гради  мрежа на  „врски“ и работи  по проверени и докажани  незаконски шеми.  Јасна е констатацијата дека  професијата  менаџер  во последните години прерасна во своевиден феномен на нашата јавна сцена. Менаџерите на македонската естрада се луѓе со најразлични профили, без оглед  на знаењето и образованието, со голем број на познанства односно  „линкови“  во различни кругови и со изразена желба за профит. Како што се вели погледни го изведувачот и ќе знаеш каков му е менаџерот. Тие на своите клиенти, изведувачи, особено ако се на самиот почеток, се трудат да им организираат се: кариера, живот, имиња, дури и љубовни врски, хонорари, тезги, насловни страници, трачеви и интервјуа во медиумите, па се до наплатување на долгови. Парите,  а станува збор за неколку илјади или стотици евра, се круцијална ставка во овој бизнис, а домашните менаџерски експерти веруваат дека го најдоа клучот на успехот не насетувајќи дека самите ќе се заплеткаат во сопствената мрежа и дека со  нивните „бизнис музички зделки“ ќе ја отворат пандорината кутија од која ќе излезат сите нивни „трикови и финти“ кои ќе ги повлечат длабоко на дното.

Од друга страна, познато е дека лошите искуства на голем број на естрадни ѕвезди со нивните менаџерски тимови мирисаат на измами и местења.  Влогот е голем, тешка трка за ѕвезда која ќе сврти што поголема сума на пари, а професионален стрес најголем поради пропаднатите вложувања, празните сали и непродадени влезници се епилог на ваквите дебакли кои години наназад станаа сурова реалност за македонските пејачи.

mito500

Моменталните случувања поврзани со приведувањето на менаџерите кои се инволвирани во незаконски „дилови“ во врска со гласањето на Скопскиот фестивал е класичен епилог за оние кои се занесоа и мислеа дека нивата менаџерска позиција е семоќна и сигурна.

Шемата  на естрадните измами кои наскоро ќе станат минато по оваа прва, но не и последна акција на државата, е јасна  најава за одлучноста за воведување ред  во музичката сфера која пак ќе резултира со претпазливост на оние кои ќе ја добијат улогата да и го вратат пулсот на домашната музичка сцена и македонското музичко наследство кое со години нема квалитетен инпут.

Акцијата на МВР е потег на државата кој секако е за поздравување и тоа од неколку аспекти. Како прво време е да се стави ред и дисциплина во веќе поставените правила на игра кои едните исти постојано успеваат вешто да ги изиграат, притоа себеси прикажувајќи се како успешни менаџери, а останатите правејќи ги будали в лице, и покрај укажувањето на запрепастената јавност дека од авион се гледа оти нешто не е во ред со регуларноста. Така со стотина гласа се добиваа фестивали, со два-триста купени телефонски припеид картички за 500 евра се одеше на Евровизија, а последниве години и се заработуваат добри пари од наградите кои изнесуваат по 20.000 евра.

Спонзорите се наведуваат да вложуваат во новиот „идол на нацијата“, кому со гратиси поделени по училиштата му се полни салата за концерт кој ионака однапред е маркетиншки покриен, а јавноста се труе со мотото: ѕвездата е родена!

Неколкуте фестивалски победи на еден ист „естраден пациент“  неговиот пулен го прават инстант ѕвезда која наводно жари и пали на естрадата. Го прикажуваат како нов идол на генерациите, се создава искривена слика за тоа што е музичка вредност. Старата теза: една лага сто пати повторена станува вистина, почнува совршено да функционира и на естрадата. Девојчињата кубат коси по нивниот идол, трчаат по автограм по некого кој  реално кој знае дали и знае да се потпише, а камо ли да пее.

telefoni500

Резервираното прво место ги деморализира „вечно вторите“, ги фрустрира останатите, ги тера да се откажат оние кои допрва чесно почнуваат…  Доведувањето до степен на врвно непрепознавање на суштината на измамата едноставно „ја убива“ естрадата. Потоа ни државните субвенции, ниту свети субвенции не помагаат. Како што на мртов пациент не може да му помогне ниту една инфузија!

Организаторот на фестивалот пак крши прсти и кубе коси преиспитувајќи се каде тоа погрешивме, а направивме се како што треба, вложивме толку многу и средства и труд, ги испробавме сите комбинации и на крајот се беше како што треба, освен… резултатот!

Се тоне како Титаник, во кој исто така беа вложени милиони, луксуз, гламур… ама бродот потона! Како што ќе потоне и новокомпонираниот идол на нацијата, моделиран за една две –употреби по теркот на естрадната мафија. Или подобро речено, естрадните измамници.

Тие ќе продолжат и понатаму со џебови полни со народни пари, на следниот фестивал, со некое друго, „ново дете“  кое има желба да биде следниот идол на нацијата.

Затоа синоќешната акција на МВР  е добар сигнал дека време е да се преиспитаме и себе си, ама и системот во кој очигледно нешто не  функционира, зошто ако правиме се како што треба и на крај сето тоа оди на штета на сите нас, а во полза и ќар само на еден или неколку поединци, очигледно дека во системот има вирус.

Среќа е што за секој вирус постои и антивирус. Затоа време е да го вклучиме да го пребара, да го прочешла системот и измамничките бубачки да ги смести таму каде што заслужуваат. Во кантата за отпадоци. Каде што на естрадното ѓубре и му е местото!

За создавање на услови за ферплеј поле за натпревар и креативно делување на идните генерации, за чиста селекција на она што е квалитет, што е добро, што заслужува да биде музички репрезент… Конечно, за пример на секое следно „естрадно ѓубре“, што во иднина и ќе помисли, а камоли да се обиде да го загади или урива системот со наши пари, на сметка на сите останати, за сопствена корист!

Извор: Вистина.мк

13.11.2014 - 17:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега