Статистика: Секој граѓанин на Македонија во банка има по 1500 евра
На крајот на септември штедните влогови на граѓаните биле за 15 милијарди денари повисоки отколку во истиот месец лани, а 51% од заштедените пари се во денари Штедните влогови на граѓаните се во постојан пораст и на крајот на септември изнесувале 197 милијарди денари, од кои 51% во домашна валута, а во однос на септември лани на штедните книшки на граѓаните имало 15 милијарди денари повеќе. Ако се направи математиаката и се тоа се подели на 2.000.000 граѓани излегува дека секој граѓанин во банка има повеќе од 98.000 денари. Во вакви услови Македонија вчера го одбележа 31 октомври, Светскиот ден на штедењето, со свечена седница на Здружението за банкарство при Стопанската комора на Македонија, на која по традиција признанија им беа доделени на најдобрите шалтерски работници во банките и штедилниците. Гувернерот на Народна банка на Македонија (НБМ) Димитар Богов вели дека охрабрувачки е тоа што повеќе се штеди во денари.
- Ако во декември минатата година денарското штедење на населението го надмина девизното, тој тренд продолжува и сега, па 51% од вкупните заштеди на граѓаните се во домашна валута, изјави тој, додавајќи дека голем е бројот на лицата кои штедат.
Тој смета дека зголеменото штедење, особено зголеменото штедење во денари и на долг рок е најдобар индикатор за зголемената доверба која ја има населението во банките. Глигор Бишев, потпретседател на Стопанска комора на Македонија и извршен директор на Шпаркасе банка порача дека банките и понатаму ќе продолжат да работат здраво и сигурно, а заштедите на граѓаните се основата и за нивното и за кредитирањето на компаниите.
- Банките во Република Македонија и понатаму ја задржуваат високата доверба на штедачите и населението. Тоа е големо признание за нас банките, меѓутоа исто така и обврска да се грижиме тоа штедење да биде сигурно, односно да го пласираме во сигурни и здрави проекти и во секој момент да бидеме во состојба на барање на штедачите да им ги ставиме на располагање нивните заштеди, изјави Бишев, објаснувајќи дека 94 милијарди денари се вишок штедење кое банките го употребиле за кредитирање на претпријатијата. Исто така, 63 проценти од средствата на штедење учествуваат во покривање на кредитите на претпријатијата, што според Бишев е важен фактор за динамизирање на економскиот раст во Македонија.
Гувернерот Богов информира дека растат и депозитите на фирмите кои последниве години беа во опаѓање. На крајот на септември банкарските заштеди на фирмите се повисоки за 12%, а има и раст на кредитирањето на домаќинствата за над 9%, така што се очекува до крајот на годинава да се стабилизира меѓу девет и десет проценти
По повод Денот на штедењето вчера заеднички настан организираа и Народната банка на Република Македонија и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, на кој доделија 12 награди на ученици кои беа избрани на конкурсот на тема „И јас умеам да штедам“ или „Што значи за мене осигурување на домот и семејство“. Целта на овој настан, како што истакнаа Богов и претседателот на Агенцијата Климе Попоски е заеднички да се промовираат активностите за финансиска едукација и да се популаризира штедењето и осигурувањето, особено кај најмладите. - Во светот живеат 2,2 милијарди деца од кои само еден отсто имаат пристап до финансиски едукација. Токму овој ден сакаме да го искористиме да го популаризираме значењето на финансиската едукација, изјави Попоски. Денес се одбележува Денот на осигурувањето. Поповски вели дека Агенцијата за супервизија на осигурувањето во третиот квартал од годинава регистрира раст во осигурителниот сектор во државата, кој на крајот на септември изнесува 4,6%. Во делот на осигурување на живот стапката на пораст е 2%, но компаниите ќе мораат да поработат на зголемување на осигурувањето на имот, зашто само 3,4 проценти од домовите во државата се осигурени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа