ФОТО: Џими повеќе не е единствениот Нигериец во Штип
По повеќе од три децении поминати во Македонија, од кои 32 години како единствен Нигериец и црнец во Штип, Симон Поликарп – Џими, од неодамна доби друштво во Штип, пишува Дневник.
Тоа е неговата сонародничка, Нигеријката Блесинг Очуку, која е бруцошка на англиски јазик на Универзитетот „Гоце Делчев“.
- Чекав три ипол децении, се изначекав, но дочекав и друг човек од мојата Нигерија да дојде во Штип. Долго време бев и единствениот Нигериец со постојано место на живеење во Македонија. Kога во јануари годинава во Штип дојдоа четворица млади Нигеријци, меѓу кои и Блесинг, да учат македонски за да се запишат на некој од универзитетите во Македонија, се молев барем еден од нив да остане во Штип. Желбата ми се оствари, Блесинг најмалку четири години ќе биде моја сограѓанка. Ќе помагам колку што можам, ќе ни биде драг гостин кога сака на мене и на моето семејство зашто знам дека на почетокот ќе ~ биде тешко, а јас веќе се чувствувам како староседелец во Штип и во Македонија – истакнува Џими.
Тој од Нигерија, голема африканска земја со 150 милиони жители, дошол есента 1977 година заедно со уште 1.500 млади Нигеријци да учат во средните училишта во тогашна Југославија. Од нив, 60 биле во Македонија, 42 се запишале текстилно училиште во Штип, а 18, меѓу кои и Џими, рударско во Пробиштип. По матурирањето, сите се вратиле и останале во Нигерија, освен Џими. Во Нигерија, во родната Јола, град со речиси два милиона жители, каде што му се тројцата браќа и трите сестри, се вратил само на една година, првата по матурирањето. Оженет е со скопјанката Билјана, со која има два сина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа