Вељаноски на средба со новата данска амбасадорка Плеснер
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска имаше средба со новоименуваната амбасадорка на Кралството Данска во Македонија со седиште во Виена, Лиселот Плеснер.
Двајцата соговорници изразија задоволство од средбата и при тоа претседателот Вељаноски, како што се наведува во соопштението, посака успешна работа во мандатот на новата амбасадорка, изразувајќи желба дека во овој мандат таа ќе помогне да се зајакне соработката помеѓу Македонија и Данска на сите нивоа, а особено да се зајакне и продлабочи парламентарната соработка.
Претседателот Вељаноски ја истакна својата лична подготвеност и подготвеноста на Кабинетот и Собранието на Република Македонија да се интензивира соработката помеѓу парламентите на двете земји, како на ниво на посети на претседатели на парламенти, така и на ниво на пратеници и пратенички групи за соработка. За таа цел истакна тој добредојдени се сите предлози и идеи на Амбасадата што би помогнале во остварување на оваа цел.
Амбасадорката Плеснер изрази подготвеност да се превземат конкретни чекори за подобрување и зајакнување на контактите помеѓу двата парламенти.
Вељаноски и Плеснер оценија дека добрата парламентарна соработка помеѓу две држави дава пример за добра соработка и на други полиња, дава добра слика на граѓаните како и на бизнис заедницата и од неа може да се црпи инспирација за понатамошна соработка и пријателски односи.
Претседателот Вељаноски истакна дека економската соработка значително помага во воспоставување на подлабоки односи и притоа ја истакна заложбата на Владата на Република Македонија за постојано подобрување на економските услови и бизнис климата во државата, се со цел да се привлечат странски инвестиции за подобар животен стандард на граѓаните како и поголема конкурентност на државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа